Избор на уредникотСвет

Уапсени 233 дилери, продавале дрога во близина на училишта

Властите во Албанија вчера уапсиле 233 лица во рамки на акцијата против дилери на дрога. Според нивните изјави, се трага по уште 82 лица. Тие дрогата покрај другите места ја продавале и во близина на училишта.

Истиот ден беа одобрени решенија за претрес на 356 објекти. Според директорот на државната полиција, Мухамет Румбулаку, во рамките на оваа акција биле погодени 23 криминални групи.

– Дваесет и три криминални групи вклучени во дистрибуција на наркотици во близина на училишта во простории и станбени блокови беа погодени во рамките на акцијата со кодно име Темпули. Станува збор за наркотици како кокаин, хероин, канабис, а има и огнено и ладно оружје. Акцијата беше проширена во Тирана, Драч, Корча, Елбасан и Валона, рече тој.

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Таулант Бала, како алармантен го оцени фактот што сѐ поголем број млади луѓе користат опојни материи.

– Употребата на дрога кај младите се зголемува, а се намалува и возраста на оние кои првпат употребуваат дроги, почнувајќи од училиште. Зголемена е и употребата на синтетички дроги. И денеска при полициската акција беше откриена дрога која претходно ни беше непозната во Албанија. Ова е еден вид аларм за институциите. Родителите и општеството мора заедно да реагираат, рече министерот.

Бала најави нов план за безбедносни мерки во училиштата. Според неговите зборови, Министерството за внатрешни работи е посветено да ја продолжи оваа борба. Тој побара институциите, училиштата, семејствата и граѓанското општество да се здружат во превенцијата од употребата на дроги.

Поврзани вести

Back to top button