Два смртни случаи од коронавирусот, починаа пациенти на 91 и 31 година, заболени нови 16 лица
Два нови смртни случаи како последица на Ковид-19 во изминатите 24 часа, информира министерот за здравство, Венко Филипче.
-Еден пациент на 91-годишна возраст кој беше хоспитализиран осум дена и утрово рано пациент на 31-годишна возраст чија клиничка слика беше тешка со уште пофулминантен тек на влошување на состојбата, рече Филипче, додавајќи дека 31-годишниот пациент бил на респиратори.
Во изминатите 24 часа регистирани се 16 нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број на заразени во овој момент е 257.
-На инфективната клиника примени се тројца пациенти од Скопје и Куманово. Во моментот хоспитализирани се вкупно 49 пациенти, 7 се со потешка клиничка слика, пневмонија, воспаление на белите дробови. Во овој момент нема пациенти кои што се лекуваат на респираторна машина. Стабилна е состојбата на сите други пациенти ширум државата, рече Филипче.
Вели дека двајца од пациентите во Скопје и на второто тестирање излегле негативни, а уште пет други по вторпат ќе бидат тестирани утре.
-Во период од два до три дена потенцијално ќе може седум пациенти да бидат пуштени на домашно лекување, но по стигнување на тестовите и повторната евалуација на нивната клиничка состојба, без разлика што два теста може да се негативни, ќе биде одлучено како ќе биде продолжено лекувањето, рече Филипче.