НАТО и ЦИА ги засилиле шпионските активности во Србија: Русите тврдат дека Западот го користи Скопје против Белград
Штабот на НАТО во Брисел и седиштето на ЦИА во Ленгли развиле таен план и пропагандна работа во Србија, за да го променат ставот на Србите кон НАТО, пишува руска “Правда”.
Разузнавачките служби на водечките земји на НАТО неодамна ги интензивирале своите субверизвни активности против Србија и ова денес е единствената република од поранешна Југославија која не сака да се приклучи на северноатлантската алијанса, пишува руска Правда. Белград го обвинил Скопје за шпионажа со учество на странски фактор, пишува весникот, па го поставува прашањето дали Белград ќе може да ја одржи својата независност во таа борба?
Во текстот со наслов “Шпионски скандал: НАТО ја користи Македонија против Србија”, весникот истакнува дека Србија денес е единствен бастион на територијата на поранешна Југославија кој и натаму се противи на ширењето на НАТО во регионот.
Сите други републики од поранешна Југославија веќе се приклучиле на Алијансата, или се на пат тоа да го направат.
“Не е случајно што неодамна изби голем дипломатски скандал меѓу Македонија и Србија. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рекол дека има цврсти докази дека Македонија започнала големи разузнавачки активности со учество на странски фактор во Србија”, наведува весникот, пренесува Telegraf.rs.
Весникот истакнува дека иако Србија не го споменува директно НАТо, нема сомнение дека станува збор за напори на Алијансата и ЦИА во рамките на спроведување на субверзивни активности против Србија за да се промени рамнотежата и односот на силите во земјата.
Pravda наведува дека денес 80 проценти од популацијата на Србија е против влез на земјата во НАТО, бидејќи жителите добро го паметат бомбардирањето на Алијансата.
“Според тоа, штабот на НАТО во Брисел и седиштето на ЦИА во Ленгли развиле таен план и пропагандна работа во Србија, за да го променат ставот на Србите кон НАТО”, пишува руска Правда.