Во домот на Сузана и Венцо од Пробиштип се роди шесто дете
Триесет и седум годишната Сузана Петровска од Пробиштип ја доби својата шеста рожба. Сузана и нејзниот сопруг Венцо од рано утрово во нивното семејство имаат шест деца и се најмногудетното семејство во Општина Пробиштип пренесува телевизија Сител.
Петровска во штипската Клиничка болница на свет донесе женско новороденче и смета дека е најубавиот и најмил подарок за 8 ми март Денот на жената.
– Ова е најубавиот подарок што може една мајка да го добие за овој ден. Ниедно цвеќе не може да го замени. Многу сум задоволна и пресреќна, рече Петровска.
Според неа, потребна е голема организација за да можат да функционираат како големо семејство.
– Три деца имаме кои одат на училиште и со нив треба да се работи, а две деца ни одат во градинка, а сега со најмалото шестото ќе треба помош, рече Петровска.
Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски и директорите на Клиничка болница-Штип денеска ја посетија Сузана и нејзиното новороденче. Петровска доби подароци од Општина Пробиштип, а градоначалникот Тоневски најави финансика помош за најмногудетното семејство во неговата општина.
– Ние како Општински совет на наредната наша седница, закажана за овие денови, ќе донесеме соодветна одлука со која финански во наредниот период,а во рамките на можностите на Општината ќе им помогнеме на ова многудетно семејство, рече Тоневски.
Мајката Сузана, откако го родила своето петто дете преку проектот за вработување на ЈП „Македонски шуми“ е вработена во Македонски пошти, а нејзниот сопруг Венцо работи во приватна фирма. Иако работат, сепак потребни им се поголеми финансии, но и станбен простор за шестте деца. Тоневски истакна дека со изградбата на социјалната зграда во Пробиштип, ова прво семејство со шест деца во неговата општина ќе добијат и нов стан.