Свет

Турција ризикува да пропадне заедно со воената офанзива во Сирија

Воената офанзива на Турција во Сирија, преземена пред речиси една недела, крие одредена доза на ризик од тонење, од растечки загуби и продлабочување на тензиите со САД, кои ги поддржуваат курдските милитанти, сметаат експертите, цитирани од “Франс прес”.

Анкара тврди дека оваа невидена операција цели да ја прочисти границата истовремено од џихадстичата група “Исламска држава” (ИД) и од СЗН (курдските сили за заштита на народот), кои таа ја смета како “терористичка” организација.

Но по средата – датумот на лесното исфрлање на ИД од сирискиот град Џараблус спроведена од сириски бунтовници, поддржани од Анкара – напорите на Турција се насочија главно кон СЗН.

Според турскиот вицепремиер Нума Куртулмуш оваа операција цели да ги спречи курдските милиции да создадат континуиран коридор долж границата, што би ги засилила бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК) на турска територија.

Но заштитата на една тампон зона меѓу областите контролирани од Курдите во Северна Сирија, би можела да ја втурне Турција во стапица, предупредува Ајка Ердемир, истражувач во Фондацијата за заштита на демократиите, од аналитичкиот центар во Вашингтон.

“Конечно Сирија би можела да се претвори во нова арена на борбите меѓу Турција и ПКК, кои продолжуваат од 1984 година”, објаснува тој за “Франс прес”.

Во понеделникот Турција предупреди дека ќе продолжи да го држи на нишан Сириските демократски сили (УДФ, прокурдски), се додека тие не се повлечат на исток од реката Еуфрат.

Турската армија соопшти дека веќе се протерани “терористички елементи” од територија од 400 квадратни километри во Северна Сирија, но владата даде да се разбере дека таа би можела да настапи на југ, кон градот Манбиџ, кој во почетокот на август Сириските демократски сили го презедоа од ИД.

Слична стратегија која би вклучила турските сили на повеќе од 30 километри навнатре на сириска територија, би била ризична, смета Арон Штајн од Центарот за Блискиот Исток “Рафик Харири”.

Турција веќе ја имае првата жртва на теренот на крајот на минатата недела. Следниот ден таа објави дека убила 25 курдски “терористи”.

“Се што Турција направи досега, беше лесно, но таа понесе веќе една загуба”, нагласува Штајн. “Ако тие (Турција) сакаат да се борат (во Манбиџ), тие ќе сносат други загуби”, предупредува тој. Штајн ги издвојува застарените турски тенкови лоцирани на сириска територија, кои тој ги дефинира како “музејски експонати”, ранливи на бомбите.

Досега операцијата останува релативно воздржана, со околу педесетина тенкови. Но ако настапи, армијата би можела да биде принудена да го интензивира присуството, за да го поддржи напредокот на сириските бунтовници, кои се многу повеќе.

“Она што Турција не сака, е да ја види таа територија да падне повторно во рацете на ИД или на сириските Курди”, забележува Синан Јулген, поранешен турски дипломат и раководител на Центар за економски истражувања и меѓународни односи во Истанбул. Јулген очекува дека турската армија ќе го користи Џараблус како база, од каде таа би можела да презема поединечни удари.

Но нови судири со СЗН ќе ги зајакнат исто така тензиите со Вашингтон – сојузник на Анкара, кој остро го осуди последните борби откако поддржи операцијата во нејзиниот почеток.

Пентагон, кој ги утврди судирите како “неприфатливи”, увери дека курдските сили “во голема мера” ги исполниле ветувањата да се повлечат на исток од реката Еуфрат.

“Тешко е да се замисли како тоа нема да се развие лошо”, истакна во статија Европскиот совет за меѓународни односи.

“Целиот конфликт за Курдите се закачи околу прашањето за воспоставување на квази-држава за нив во внатрешноста на Сирија, а за Турција станува збор да спречи такво нешто”.

Во Турција операцијата би можела да доведе исто до ескалација на борбите меѓу армијата и ПКК, која уби стотици турски полицајци и војници по завршувањето минатото лето на примирје, траеше две и пол години.

“Една потрајна конфронтација со СЗН сигурно би имала негативно влијание во однос на сегашната борба против ПКК”, посочува Јулген.

Поврзани вести

Back to top button