Трамп: Спреми се, Русијо, идат ракети, фини и нови и паметни – Сите се плашат од Трета светска војна –
Доналд Трамп ја предупреди Русија да се „подготви” откако Москва вети дека ќе пука кон секој проектил упатен кон Сирија. „Тие ќе доаѓаат, фини и нови и паметни“, напиша Трамп на Твитер.
Твитот се чини дека е неофицијално објавување на „големите одлуки“ за кои Трамп рече дека Вашингтон наскоро ќе ги донесе во врска со наводниот хемиски напад во Сирија.
Претходно претставникот на Москва во Либан предупреди дека руската војска го задржува правото да ги собори ракетите и да ги уништи локациите на лансирање во случај на агресија на САД против Сирија.
„Русија ќе ја почитува изјавата на својот претседател за американската агресија против Сирија и ќе ги соборува американските проектили“, изјави амбасадорот Александар Засипкин, пренесе телевизијата Ал Манар.
Тој додаде дека локациите од кои ќе бидат испукани проектилите исто така ќе бидат нападнати.
Вашингтон се закани со „жесток одговор“ против Сирија по наводниот хемиски напад во предградието на Дамаск, Дума, во саботата.
САД брзо ја префрлија вината врз сириската влада, засновувајќи ги своите обвиненија врз непотврдени податоци и слики, меѓу кои и информации од групата за цивилна одбрана „Бели шлемови“, која е поврзана со бунтовниците, вели Раша тудеј.
Американскиот разурнувач “USS Donald Cook” опремен со 60 крстосувачки ракети Томахавк се приближил на 100 километри од сириската поморска база Тартус каде што е сместена руската морнарица.
Рускиот воен аналитичар Виктор Баранец вели дека руските вооружени сили имаат со што да одговорат на евентуален американски напад. Како што прецизира рускиот експерт за весникот „Комсомољска Правда“, во Средоземното море се наоѓа група на руски борбени бродови, вклучувајќи и дизел-подморници вооружени со познатите ракети „Калибар“.
Коалицијата на чело со САД, само во последните неколку седмици во базите во близина на Сирија ја распоредила својата воена армада – имено, се претпоставува дека Американците распоредиле десетина стратешки бомбардери Б-52 кои што моментално се наоѓаат во борбена готовност.
Исто така, ударната сила на американската авијација ќе претставуваат борбените авиони Ф-15Е, потоа дроновите, авионите “AC-130” и борбените хеликоптери „Апачи“. Неколку стотици ловци ја опкружуваат Сирија од море и копно, а тоа значи дека распоредувањето на една таква сила на властите од Вашингтон нема да им остави многу можности сега да се повлечат пред заканите од Русија.
Од друга страна, аналитичарот Баранец потсетува дека во воената база Хмејмим во Сирија, Русија има распоредено ловци и бомбардери, вклучувајќи ги и модерните авиони Су-57. На располагање на руските сили се ракетните комплекси „Бастион“ вооружени со прецизни противбродски ракети.
Руските единици во Сирија ги имаат на располагање и против-воздушните ракетни системи „Панцир-С1“, а најмоќниот против-ракетен систем во регионот исто така е распореден во руските бази – „С-400 Триумф“.
Како што пренесува турски „Хуријет“, до американскиот разурнувач “USS Donald Cook” дури четири пати се приближиле руски ловци, а Баранец тврди дека станува збор за истиот брод кој што минатата година побегнал од Црното море откако „Су-24“ борбен авион на руската авијација ги ослепил неговите локатори.
Со оглед на тоа што не треба да се исклучи можноста на ист начин руските ловци повторно да реагираат, американски “Wall Street Journal” открива дека во близина на бреговите на Сирија “USS Donald Cook” ќе добие помош од уште еден моќен разурнувач вооружен со 60 Томахавк ракети – “USS Porter”.
Според зборовите на аналитичарите, ако американските разурнувачи овој пат лансираат ракети на воени објекти во Сирија, а таму се наоѓаат руски воени советници, одговорот на Москва ќе биде моментален.
Да потсетиме на предупредувањата на началникот на Генралштабот на руската армија, Валериј Герасимов кој што неодамна порача дека руските ракети во Сирија нема да ги уништат само ракетите кои што би летале кон Дамаск, туку и бродовите и авионите од каде што се лансирани.
„Тоа веќе значи дека ќе има непосреден судир на САД и Русија, односно фактичка војна. Понатамошниот развој на таа приказна не може да се предвиди затоа што станува збор за двете нуклеарно најмоќни држави“, предупредува Баранец.