Свет

Трамп им нареди на вооружените сили на САД за 30 денови да му претстават план за победа на ИД

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ, со кој им наредува  на своите генерали за 30 денови да му достават план за победа на Исламската држава.

Трамп на овој начин исполни едно од предизборните ветувања. Планот треба да содржи сеопфатна стратегија за победа над ИД, се вели во соопштението на Белата куќа.

Со указот, исто така, се повикува новите министер за одбрана Џејмс Матис да идентификува нови партнери за антиџихадистичка коалиција.

Русија, по телефонскиот разговор на Владимир Путин со Доналд Трамп објави дека двајцата лидери сакаат соработка против ИД во Сирија.

Трамп може да избере да ја промени стратегијата на својот претходник Барак Обама, кој сакаше по секоја цена да избегне учество на американски копнени сили во борби против ИД.

Во моментов Американците имаат 5.000 војници во Ирак, кои ги поддржуваат ирачките војници и речиси 500 војници од специјалните сили во Сирија, кои се на страна на Сириските демократски сили.

Американски авиони бомбардираат секојдневно позиции на џихадисти во Сирија и Ирак од летото 2014 година.

Сега Вашингтон може да одлучи да го зголеми бројот на американските војници во Сирија со цел да им помогне на силите кои ќе влезат во градот Рака, бастионот на ИД.

Поврзани вести

Back to top button