Македонија

Странски градежни компании носат работници од Албанија и од Косово да работат на црно

Минатата 2019 година, за разлика од претходната, 2018, се зголемил бројот на затекнати лица кои работеле „непријавени“, покажуваат податоците од Државниот инспекторат за труд. Во 2018 година, при извршените 17.848 контроли на инспекторите, е откриено дека на „црно“ има 61 вработен, додека лани инспекторите извршиле помалку контроли, или 14.030, но бројот на непријавени работници изнесувал 94 лица.

Инаку затекнатите непријавени работници биле вработени во компании кои се занимаваат со угостителство, продажба на мало, фризерски и козметички услуги, одржување и поправка на моторни возила, изградба на станбени и нерезидентни згради …

Според информации на „Слободен печат“ најмногу лица кои работат на „црно“ се во градежната индустрија. Како причина за тоа се спомнуваат странските градежни компании кои се ангажирани да работат кај нас. Тие се соочуваат со проблеми при наоѓањето работна сила од Македонија, па поради тоа сопствениците се приморани да носат работници од Албанија и Косово со цел да ги завршат договорените работи.

Градежни компании во нашата земја потенцираа дека доколку конкурентите од странство се служат со таква практика, тогаш тоа е проблем, како за нив, така и за државата.

– Генерално, нам здрава конкуренција не ни е проблем. Доколку тие ги носат работниците и ги запазат сите законски одредби. Но, проблем претставува нелојалната конкуренција, без разлика дали станува збор за странски работници или домашна работна сила што ја принудуваат да работи вон прописи – ни изјави в.д. директорот на ДГ Бетон А.Д. Скопје, Коста Глигориевски.

Според Инспекторатот, нивните инспектори, покрај редовните контроли кои ги извршуваат секој месец, вршат контролни надзори и по писмени барања од странки.

Од Државниот инспекторат за труд велат дека на нивната интернет страница, како и на дежурната телефонска линија, речиси секојдневно добиваат повици и пораки од работници кои се жалат за прекршување на нивните работнички права, при што се извршуваат надзори по барање на странките.

Овие поплаки во принцип се однесуваат на засновање на работниот однос, потоа за престанок на работниот однос, за неисплатени плати и надоместоци од работниците кои се технолошки вишок, за работното време и прекувремената работа, немање право на одмор и отсуства и друго.

Поврзани вести

Back to top button