Скопје небезбеден град, каменуван и ограбен српски автобус, на скршениот прозорец биле пронајдени и траги од крв
Автобус на српски туристички автопревозник утрово бил каменуван сред Скопје, дознава Блиц. Како што им раскажал менаџерот на компанијата, во автобусот се превезувале руски граѓани што правеле тура во земјите од регионот – Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија. По пристигнувањето во Скопје, автобусот бил паркиран во центарот на градот, а туристите и возачот отишле да преспијат. Инцидентот се случил утрово во 7 часот, ги вознемирил туристите и го загрозил продолжувањето на патувањето, додал тој.
Засега непознати сторители го оштетиле возилото и со тули ги искршиле стаклата. Потоа провалиле во автобусот и ги украле личните работи на патниците и возачите што биле оставени во возилото.
Веднаш по пријавата, полицијата и форензичка екипа излегле на терен и спровеле истрага.
На скршениот прозорец биле пронајдени и траги од крв.
Сè уште не е утврдена причината за ваквиот вандалски чин, иако полицијата во Македонија работи на расветлување на овој случај. Поради оштетувањето на автобусот, неизвесно е дали туристите воопшто ќе го продолжат веќе планираното патување, пишува порталот.