Избор на уредникотСвет

Шокантни тврдења на англиски експерт: Ако преживееше Југославија, денес ќе беше светска сила, а Белград главен град на Европа!

Што ќе се случеше ако преживееше Југославија? Денешниот свет со сигурност би бил едно потполно поинакво место…

За почеток, поради присуството на Движењето на неврзаните, Европската унија ќе беше далеку послаба и помалку влијателна во светот. Цела Европа би патувала кон Белград, а од него во шесте републики коишто денес се борат за трошките од Брисел, пишува Фил Батлер во својот авторски текст.

Сите ние сме свесни околу овие два “факти”. Прво, Југославија се распадна поради мешањето на Западот на којшто не му одговараше да има силна и моќна земја во срцето на Европа. Второ, Југославија никогаш не би се распаднала ако југословенските народи во себе не го носеа семето на тој распад, и да не беа погодно тло за колапс.

Имајќи ги предвид овие две нешта, овојпат ви ги пренесуваме најинтересните делови од авторскиот текст “Како е сиријанизирана Југославија пред 25 години”, на Фил Батлер, британски експерт за Источна Европа.

Веруваме дека голем дел од пасусите ќе ве изненадат, а некои и ќе ве воодушеват поради моментот “што би било, кога би било”. Многумина од вас, коишто живееле во таа бивша Југославија, можеби и ќе ги затворат очите и ќе пуштат солза, бидејќи ќе сфатат дека изгубиле многу повеќе од една заедничка држава. Тие ја изгубија светлата иднина каква што можеше сите ние да ја дочекаме и живееме.

“Во еден алтернативен универзум, што ќе се случеше ако Југославија сè уште постоеше? Во овој денешен критичен момент од историјата, апсолутно е неопходно да се позанимаваме со случувањата во последните 25 години, а Југославија и западната интервенција во неа се можеби и најдоброто место за да се започне.

Можете ли да ја замислите Европа, во која Југославија би била еден од главните играчи? Јас не можам. Југославија всушност беше еден од најголемите културни и човечки експерименти во историјата.

Формирана помеѓу поранешната Австро-унгарска монархија и Османлиското царство, Југославија спои народи од два културни круга на начин којшто не е виден уште од времето на Александар Велики.

Експериментот траел нешто повеќе од половина век, а идејата била да се создаде единствена држава за сите јужнословенски народи.

Иако Југославија делумно претставуваше геостратегиски проект на Велика Британија и Франција, со цел да се постигне воздржување на Германија, во основа тоа претставувало една разумна и праведна идеја. Одредбите на Крфската декларација повикаа на создавање на уставна монархија слична на англиската, и иако кралот Александар во еден момент го суспендираше Уставот и изборите, овој проект и понатаму делувал ветувачки.

Војната, политичките интриги, внатрешните и надворешните притисоци ја опколија оваа светска сила во пораст, и како што и вообичаено се случува со ваквите експерименти, авторитативното владеење станало неопходно, па дури и пожелно.

А кога на власта дошол национален херој, диктатор и глобален “селебрити”, Јосип Броз Тито, Југославија на светската сцена стапна во полн капацитет. Неговата улога во формирањето на Движењето на неврзаните беше великодушна и екстремно значајна, особено за луѓето во самата Југославија. Впрочем, нејзините темели беа поставени токму во Белград, во 1961-та година.

А кога на распадот на Југославија се гледа од оваа гледна точка, се гледа геостратегиското размислување на Вашингтон и никому не би му требало никакво дополнително истражување за да се дознае зошто претседателот Бил Клинтон чекаше до 1995-та година за да интервенира во Босна.

Клинтон всушност само ја продолжи политиката за дестабилизација на југословенскиот социјализам, којашто ја втемели неговиот претходник Џорџ Буш Постариот. Сега знаеме дека бунтовниците коишто тајно ги обучуваше Америка одиграле клучна улога во распарчувањето на овој регион преку организирање на попознатата како Атлантска бригада составена од околу 400 борци (главно Албанци), коишто на Косово се бореа рамо до рамо со Ослободителната војска на Косово.

Приказната на еден Французин којшто обучувал припадници на Атлантската бригада нè потсетува на она што во последните години се случуваше во Украина, Либија и Сирија. Може да се видат обрасци коишто нè водат кон вистината: ужасни полиња на смртта во легитимната држава Југославија, инвеститори коишто го киднапираат сето она што може да се украде, дамки на рацете на американскиот претседател, британските лордови и неонацистичките германски индустријалци.

Југославија стана прототип за Авганистан, Ирак, Арапската пролет и Украина. Приказната за геноцидот во име на демократијата е и повеќе од одвратна за воопшто да се говори за неа. Поголемиот дел од луѓето во овие земји се вратени најмалку 200 години наназад, во средновековна егзистенција без апсолутно никаква надеж.

Единствениот излез коишто поранешните Југословени го гледаат денес, сосема природно, се ЕУ и НАТО. Секако, во конфликтот на Косово и двете страни извршија злосторства, како и насекаде во југословенските војни. Но, тоа во суштина не е она што го зборувам јас, туку тоталитетот на катастрофата.

Пред сè, народите од некогашна Југославија повеќе немаат свој вистински глас. Второ, растурањето на тие нации доведе до смрт и егзил на повеќе милиони луѓе. А тоа е една сосема друга приказна. Мојата “фантазија” за Југославија би требало да ви ги отвори очите.

Југославија е изградена врз идејата дека Јужните Словени би требало да престанат да бидат слаби и поделени. Обединетите нации во Југославија не беа лесна мета за империјалистичките намери какви што ги гледаме денес.

Факт е дека после Втората светска војна, социјалистичка Југославија стана европска приказна за успех. Помеѓу 1960-та и 1980-та година таа земја го доживеа можеби најживиот економски и социјален раст во светот – пристоен животен стандард, бесплатна здравствена заштита и образование, загарантирано право на работа, едномесечен платен одмор, стапка на писменост од над 90 отсто и очекуван животен век од 72 години.

Според моите сознанија, ниедна од новонастанатите балкански држави не може да се пофали ниту со половина од таквиот просперитет. Тоа беше просперитет поради кои западните интересни групи едноставно сакаа да ја уништат Југославија.

Сите народи на Југославија исто така уживаа и во бесплатни станови, пристапен јавен превоз и комунални услуги. Непрофитните компании исто така беа во јавни раце, што повторно не им одговараше на западните демократии. На таа земја не смееше да ѝ се дозволи да се натпреварува со една Германија, Франција, а посебно не Британија, дури ниту лондонските и луксембуршките банкари не можеа да ги извлечат милијардите од социјалистичкиот систем.

Југославија мораше да умре

Мајкл Паренти, наградуван автор и политички научник, вонреден професор при Институтот за политички студии во Вашингтон, опиша која била целта на Америка во врска со Југославија: да се претвори југословенскиот простор во простор од Третиот свет којшто нема да биде способен да се движи по сопствен развоен пат, во простор со скршена економија, со природни ресурси потполно отворени кон мултинационалните корпорации (посебно Косово, коешто е исклучително богато со минерали).

Исто така, целта било да се претвори Југославија и во простор во којшто живеат осиромашени, но писмени и обучени луѓе коишто ќе мора да работат за малку пари, и коишто благодарение на тоа ќе доведат до пад на платите во Западна Европа. И уште нешто – целта било да се скрши нафтената, инженерската, рударската, автомобилската и индустријата за ѓубрива, како и бројните други полесни индустрии, како не би можеле да се натпреваруваат со веќе постоечките западни производители.

На Балканот, Западот ги демонизираше Србите, во Либија полковникот Гадафи, во Сирија сега Асад, а образецот оди кон Владимир Путин, како најголем трофеј до сега. Тоа е светот во којшто моментално живееме. Со силата на хибернираните американски граѓани коишто се буквално до глупост “дрогирани” со безвредни ситници и супер-капитализам, доаѓаме до свет во којшто рацете ги преземаат тираните.

Но, што би било кога Југославија би преживеала? Што ако тој голем етички и социјалистички експеримент преживееше? Со сигурност светот денес би бил едно сосема поинакво место. За почеток, поради присуството на Движењето на неврзаните, Европската унија ќе беше далеку послаба и помалку влијателна во светот. Цела Европа би се упатувала кон Белград, а од него во шесте републики коишто сега се борат за трошките од Брисел.

Во 1991-та година Југославија беше на 24-то место на светот што се однесува до БДП-то. Босна и Херцеговина сега е на 112-то место и ситуацијата и понатаму се влошува. Хрватска е на 76-то, иако Bloomberg неодамна ја стави на листата помеѓу 10-те најлоши на светот. Македонија е на 130-то место, Црна Гора на 149-то, Словенија на 81-то, а Србија на 87-то и се чини дека е можеби постабилна од сите останати.

Од лична перспектива, се сеќавам на оној просперитетен момент на бивша Југославија, на Зимските олимписки игри во Сараево во 1984-та година. Тоа беа први зимски игри одржани во некоја комунистичка земја, а факелот отиде од Дубровник, преку Сплит, Љубљана, Загреб и бројни југословенски градови, додека не дојде во Сараево. На имињата на освојувачите на златните медали не се сеќавам, на со сеќавам на маскотата Вучко, дело на словенечкиот цртач Јоже Тробец, којшто поради некоја причина ми се врежа во сеќавањето. Тој мал волк ги претставуваче овие балкански народи. Волците играат важни улоги во југословенските бајки, тие се олицетворение на храброста и силата и ја симболизираат зимата.

Сега размислувам за тоа што сè тој храбар и моќен југословенски народ можеше да освои, ако во судбината не им се вмешаа токму странците. Но, едно е сигурно, а тоа е дека таа нација исчезна засекогаш.”

Поврзани вести

Back to top button