„Поголем срам од притворот за Дурловски е МОЛКОТ на медиумите, активистите и интелектуалците“
-Поголем срам од притворот е МОЛКОТ на медиумите, активистите за човекови права и интелектуалците! Некои молчат поради индоленција, други од страв, трети мрморат со злорадост…
Срамота е и за правната фела која знае дека мерката притвор, како и порано, така и сега под новиот режим, е казна! Затоа е неправедна и од Македонија прави земја со политички, а не терористички притвореници, коментира професорката Билјана Ванковска на својот Фејсбук профил.
Драмата на семејството на оперските пејачи од светски глас Ана и Игор Дурловски по притворањето на сопругот за настаните од 27 април во македонското Собрание се најде и на страниците на најтиражниот германски и европски магазин „Билд“.
Најпродаваниот неазиски весник и осми по тираж во светот за тоа низ што минуваат веќе еден месец сопранистката Ана и басот Игор пишува во написот со наднаслов „Осомничен за тероризам“ и со наслов „Уапсен сопругот на ѕвездата на Земперопер“.
-Во февруари таа ќе биде Кралицата на ноќта во ‘Волшебната флејта’ од Моцарт на сцената на ‘Земперопер’: оперската ѕвезда Ана Дурловски (39). Меѓутоа, пред тоа сопранистката од Македонија се соочува со тажна новогодишна ноќ. Нејзиниот сопруг ненадејно беше уапсен и се наоѓа во притвор во својата татковина поради сомнение за наводен тероризам, пишува „Билд“.
„Петнаесет униформирани лица пристигнаа во шест часот наутро и го зедоа Игор со нив пред очите на нашиот најстар син’, се пожали пејачката по настапот во Штутгарт. Тој, наводно, е вклучен во упадот во Парламентот во Скопје пролетоска. Ана Дурловски (три деца) е сигурна: Игор нема никаква врска со тоа, тој во тоа време протестираше за демократија“, се додава во текстот.
„Во меѓувреме, не само адвокати, туку и оперски колеги од Германија бараат ослободување на познатиот оперски пејач. Неговата сопруга се надева дека тој повторно ќе биде на слобода до нејзината изведба во ‘Земперопер’ на 17 февруари“, завршува написот.
Кривичен суд му го продолжи притворот на Игор Дурловски за уште 30 дена, како и на другите 35 лица осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.