ЖивотИзбор на уредникот

Научниците открија како да го „исклучат“ протеинот кој предизвикува рак

Секоја година околу милион луѓе ширум светот умираат од рак кој е предизвикан од мутација на таканаречениот РАС ген. Околу 30 проценти од сите човечки карциноми, вклучувајќи 95 проценти ракови на панкреасот и 45 проценти колоректални карциноми, се поттикнати од мутацијата на генот РАС. Всушност, тој припаѓа на семејството гени кои го кодираат развојот на истоимените протеини.

naucnici

РАС протеините во нормални околности промовираат правилен раст и размножување на клетките. Меѓутоа, доколку мутираат РАС гените, тие протеини почнуваат да функционираат како „неисправен прекинувач“, кој трајно е „вклучен“ и на тој начин предизвикува неконтролиран раст и размножување на клетките.

Ова семејство протеини е познато уште од седумдесеттите години, но секој обид за нивно „гаснење“ досега беше безуспешен. Постојат толку истражувања спроведени за таа цел, што многу научници дури и се откажале од помислата дека таквата мисија е можна, па семејството РАС протеини го добило неславниот прекар „the undruggable protein“ (протеин кој е невозможно да се дрогира, да се врзе со други материи).

Националниот институт за канцер (NCI) во 2013 година ја започна „иницијативата РАС“, која собра врвни светски научници во потрага по нови и ефективни начини за да се обиде да се разбере, и на поефективен начин да се нападне овој кобен протеин.

Истражувачите од Универзитетот во Торонто дојдоа до откритие кое има потенцијал за обележување нова ера во начинот на борба со оваа болест.Открија дека уште еден друг протеин, наречен СХП2, има способност да го регулира дејствувањето на протеинот РАС, според истиот принцип „прекинувач“.

Мајкл Ох, професор на Медицинскиот факултет во Торонто и еден од истражувачите заслужен за наведеното откритие, ја нагласи важноста на овој чекор во борбата против ракот: „Резултатите на инхибиторите се неверојатни. Бевме шокирани. Претходно ништо немало ваков ефект.“

Тим научници во почетокот го тестирал ова откритие на глувци со глиобластома, најчест и најагресивен вид мозочен рак, и било утврдено намалување на туморот за вчудоневидувачки 80 проценти.

„Освен што сум истражувач, јас сум и гастроентеролог и гледам многу пациенти со рак на панкреас. Овие пациенти начесто умираат во рок од една година, дури и со хемотерапија. Овој лек има потенцијал да ги промени животите на многу мои пациенти“, рече Јошихито Кано, еден од авторите на публикацијата за споменатото истражување.

Втората студија на овој тим ќе биде во соработка со хирург од Универзитетот во Северна Каролина, која ќе има за цел да го истражи влијанието на СХП2 инхибиторите на глувци со човечки рак на панкреасот. Доколку испитувањата покажат позитивни резултати, истражувачите ќе ги искористат за почеток на клинички испитувања на луѓе.

Поврзани вести

Back to top button