Германски политичар за нарушените Американско-Руски односи: Сè започна со бомбардирањето на Југославија
Западот има направено сериозни грешки во врска со Русија, вклучувајќи ги и санкциите поради припојувањето на Крим. Сето тоа потекнува од времето кога поранешниот американски претседател Џорџ Буш се залагаше за влегување на Украина во НАТО.
Ова се зборовите на влијателниот германски политичар и втор човек во партијата Die Linke, Грегор Гиси во интервјуто за Die Welt.
Говорејќи за потребата за создавање на нови безбедносни архитектури во Европа, Гиси изјави дека тоа не може да се создаде „без или против Русија“. Притоа тој истакна низа на големи грешки кои што Западните европски земји заедно со САД ги направиле во своите односи со Русија, занемарувајќи ги и руските интереси. Како пример ја наведе интервенцијата на САД во Југославија и во Ирак.
„Кога Западот ја нападна Србија без донесена резолуција од Советот за безбедност при Обединетите Нации, Москва од тоа извлече заклучок: Ако вие го прекршувате меѓународниот закон, тогаш тој закон веќе нема да важи ни за нас“, вели германскиот политичар.
Како втор пример тој го наведе и распоредувањето на проектили на териториите на Полска и Чешка.
„Замислете Русија да ги распоредеше своите ракети во Мексико, под изговор дека со тоа ќе се брани од Колумбија. Дали Американците ќе поверуваа во тоа?“, запраша Гиси, додавајќи дека ниту Русите не веруваат дека распоредувањето на ракетите и ракетниот штит во Европа има за цел да спречи некаква потенцијална опасност од Иран.
Иако тој го осудува руското анектирање на Крим како чин на „прекршување на меѓународното право“, германскиот политичар тврди дека западните санкции кон Русија биле погрешни, затоа што повеќе штета им нанеле на европските економии, отколку на руската. Како последица на тоа, Русија започнала да го проширува пазарот во Азија и Латинска Америка, па сега ако на Русите им тргне „бизнисот“ со новите партнери, тогаш Европа ќе им биде помалку значајна.
„Веќе можеме да видиме дека рускиот претседател Владимир Путин, како одговор на санкциите прави сè за да ја ослаби Европа. Тој реши да се помири со турскиот претседател Ердоган и да продолжи по својот пат и да работи за интересите на Русија“, вели германскиот политичар.
Осврнувајќи се на случувањата во Сирија, вториот човек на германската партија Die Linke, смета дека американскиот претседател Барак Обама направил голема грешка кога на Путин му кажал дека Русија е „регионална сила“, затоа што, според негово мислење, Путин е тип на човек кој „се бори како тигар“ и човек на кого „не треба да му се кажат такви работи“.
На крајот, Гиси вели дека Путин им покажал на Американците во Сирија дека Русија сепак е светска сила. А, токму во Сирија, според германскиот политичар, Русија и САД сега треба да ги земат во предвид интересите на сите страни (Турција, Саудиска Арабија, Иран) и да се обидат да пронајдат компромис.