Свет

ЕУ во битка со Русија, Турција и Кина за Балканот

Со децении балканскиот регион важи за природна сфера на влијание на ЕУ. Кога не одеше, по правило помагаа САД. Но, овој систем во меѓувреме се распаѓа. Што планираат новите конкуренти? Анализа на агенцијата ДПА, а пренесува Дојче веле.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, при својата последна балканска турнеја, мораше болно да дознае колку малку Брисел се сфаќа сериозно. Во Македонија, претседателот на државата ги отфрли нејзините идеи за решавање на кризата. Во Србија, нејзиниот говор беше прекинуван и исвиркан. На Косово, конфликтот се вжешти по нејзиното заминување, иако таа требаше да донесе смирување и решенија. Во Босна, тројцата длабоко раскарани претседатели беа подготвени да го примат високиот гостин од ЕУ само на еден необврзувачки протоколарен термин.

Намалувањето на влијанието на ЕУ го поттикнува големиот ангажман на Русија, Турција и Кина. Москва се обидува да ги придобие срцата на балканските граѓани со досега невидена пропагандна офанзива. „Балканот веќе не му припаѓа на Брисел“, разгласи државната агенција Спутњик пред неколку дена. Наднасловот, придружен со прашалник, гласеше: „Источна Европа се врти кон Русија?“

И Турција е веќе навлезена со едната нога. Нејзината база е муслиманското население. Во Босна и Херцеговина таа веќе успеа да се промовира преку обнова на десетици џамии уништени во војната. Во Јужна Србија, турските фирми се добредојдени пред сѐ во текстилниот сектор. Кина со години работи на воскреснувањето на Патот на свилата со големи инвестиции во автопатишта и железницата, како онаа меѓу Белград и Будимпешта.
ЕУ и Западот се оддалечуваат од регионот.

Од пред извесно време се вмешаа и арапските земји. Тие купуваат големи градежни површини во Босна, градат цел кварт во Белград и имаат удел во српската авиокомпанија.

Но убедливо најактивни се Русите. Веќе неколку дена државната Сбербанк е во центарот на економските превирања во ЕУ-членката Хрватска во скандалот со презадолжениот концерн Агрокор. Банката е најголем доверител и освен економските интереси во овој, за целиот Балкан значаен претприемач, има и „геостратешки“ цели, како што тврди загрепскиот весник Вечерњи лист.

Русија навлегува сѐ подлабоко со својата силна пропаганда и создава уште поголем вакуум, кој ѝ го остава Брисел. Поради тоа што ЕУ се занимава со самата себе и со бројните кризи во своето опкружување, на Балканот го прави само она што мора. „Останува горчливиот впечаток и стравот дека ЕУ и Западот полека се оддалечуваат од регионот, барем сѐ додека тој не експлодира“, пишува белградскиот Нови Магазин во последното издание.

Вакуумот може да стане уште поголем доколку САД со новиот претседател Доналд Трамп одлучат да се повлечат. Повеќето коментатори во регионот очекуваат, американските интереси во регионот драматично да се намалат. Москва веќе сега успева да ги привлече балканските политичари кон своите глобални интереси. Руската агенција Спутњик минатата недела излезе со следниот наслов:

„Прашањето за Крим е одлучено – зошто, објаснува претседателот на Република Српска“.

Извор: dw.com/mk

Поврзани вести

Back to top button