Свет

Ердоган вели дека нема независна Турција додека црквата не стане џамија

Угледната турска новинарка Пинар Тремблај за американскиот магазин “All Monitor” вели дека во Турција многумина сметаат дека нивната држава нема да биде независна, се додека Света Софија не стане џамија.

Поранешната црква, а сегашен музеј – Света Софија е изградена во 527-ма година како православна црква. Турците ја претвориле во царска џамија во 1453-та година кога го освоиле Константинопол, денешен Истанбул. Но, за време на владењето на Ататурк кој ја изгради модерна и секуларна Турција, Света Софија беше претворена во музеј.

Во последните децении, но посебно откако Ердоган дојде на чело на Турција, исламистички групи и ултранационалисти повторно започнаа да го отвораат прашањето за Света Софија, организираа митинзи и потпишуваа петиции.

После овие акции, на 11-ти април 2015-та година во Света Софија за прв пат беше приредено рецитирање на Куранот, и тоа на еден ден пред православниот Велигден кој тогаш се поклопи со роденденот на пророкот Мухамед.

Во декември истата година, турски пратеник во парламентот официјално побара Света Софија да се претвори во џамија, а секоја година на 29-ти мај се одржуваат се поекстравагантни прослави на освојувањето на Константинопол.

Оваа година илјадници верници на 28-ми мај се собраа пред Света Софија и побараа таа да биде претворена во џамија. Активистите велат дека за тоа барање се собрале 15 милиони популисти, а откако германскиот Бундестаг го призна ерменскиот геноцид, пратеници од турскиот парламент повикаа Турција да одговори на тоа со тоа што ќе ја претвори Света Софија во џамија.

Најважниот и најпровокативен чекор за претворањето на Света Софија во џамија се случи на 1-ви јуни оваа година кога беше најавено дека во црквата ќе се чита Куранот секој ден за време на Рамазан и сето тоа ќе биде пренесувано на турските национални телевизии.

Сето ова предизвика револт кај турските секуларни граѓани и пред се кај православните христијани, а во врска со тоа се огласи и грчкото министерство за надворешни работи кои го осуди овој потег на турските власти. Анонимен грчки дипломат за “All Monitor” изјави дека „во последните пет години, Турција три цркви со името Света Софија ги претворила во џамии“.

Многумина сметаат дека Света Софија наскоро ќе биде и официјално претворена во џамија. Тоа ќе го искористи Реџеп Таип Ердоган за да ја подигне популарност во пресрет на референдумот со кој во Турција ќе се воведе претседателски систем, односно Ердоган ќе има многу поголеми овластувања од сега.

Во Турција голем број на луѓе сметаат дека Западните сили го натерале Ататурк да ја претвори Света Софија во музеј. Во секој случај, како што пренесува турската новинарка, во Турција е голем број на луѓето кои што сметаат дека нема целосна независност на Турција се додека Света Софија не биде претворена во џамија.

“All Monitor” го пренесува мислењето на висок турски муслимански интелектуалец кој сакал да остане анонимен:

„Во врска со прашањето за Света Софија, во изминатата деценија бесрамно се манипулира. Тоа е хранење на сонот за обнова на Османлиското царство, како сега некој од турските серии ќе се појави и Света Софија повторно ќе ја претвори во џамија. На побожните муслимани навистина им е непријатно да ја гледаат оваа политичка пропаганда“.

На крајот се поставува прашањето – дали Ердоган може да го сопре ова, ако навистина турскиот народ верува во тоа дека нивната држава нема да е целосно независна се додека Света Софија не биде претворена во џамија? Во секој случај, претворањето на црквата во џамија ќе му донесе огромни политички поени на турскиот претседател.

Поврзани вести

Back to top button