Домашната компанија „Хајтек“ влегува во слободната економска зона Бунарџик
Во слободната економска зона Бунарџик во Скопје влегува првата домашна компанија.
Македонската компанија Хајтек е прва домашна фирма која ќе инвестира во отворање фабрика во Технолошко индустриските развојни зони. Инвестицијата ќе изнесува над 20 милиони евра, а ќе овозможи вработување на вкупно 300 лица од кои 100 во првата година, информира сопственикот на компанијата Саво Станковиќ на денешната прес конференција во Владата по средбата со премиерот Никкола Груевски.
Тој оцени дека станува збор за втор по значење историски настан во 36-годишното постоење на компанијата, бидејќи, вели, дава можност за натпревар на европско ниво во сопствената земја без какви било ограничувања.
– Досега работевме на едно ниво на технолошки производ, а ова е нешто ново и значи надоградба на нашиот производ со новододадена вредност со што ќе овозможиме и поголем извоз од Македонија и поголеми вработувања и многу поголем пласман на македонски технички кадар на европскиот пазар, рече Станковиќ.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо потенцира дека денеска и официјално компанијата ја потврдува одлуката за инвестирање во новоформираната компанија „Хајтек асембли сентар“ во сопственост на постоечката компанијата „Хајтек“.
– Оваа компанија е доказ дека поволностите кои се нудат во ТИРЗ за странските компании односно за компаниите кои се основани со странски капитал се во целост исти и за домашните компании, рече Мизо додавајќи дека сето она што беше полемика во определен временски период дека македонските компании не можат да влезат во зоните денеска се демантира.
Тој нагласи дека компанијата Хајтек ќе го задржи своето постојно производство во Орешани, а новоформираната компанија ќе значи проширување на дејноста и значително зголемување на извозот од Македонија бидејќи во новиот капацитет ќе се произведуваат високо софистицирани производи.
Мизо особено го потенцира значењето на Хајтек во однос на привлекување странски инвеститори преку нивната подготвеност и отвореност за соработка.
– Голем број од компаниите почнувајќи од Џонсон Контролс при првата инвестиција во Македонија, преку КСС, Костал, Гентерм и голем број други компании секогаш сакаат да дојдат да видат кои се можностите на локалните компании и на тој начин многу да се олесни нивната одлука ако се види кој е квалитетот и софистицираноста на локалниот бизнис, рече Мизо.
На новинарско прашање тој појасни дека во целиот овој период досега ова е прво официјално барање од домашна компанија со бизнис план според условите кои се дефинирани во законот, што значи да нема префрлање на дејноста, туку нејзино проширување по квалитет и обем.
Инвестицијата, во ТИРЗ Скопје 1 започнува со вработувања на 100 луѓе и производствен погон од 4.000 метри квадратни кој ќе почне да се гради од почетокот на март, а ќе биде функционален на крајот на третиот квартал идната година. Се очекува погонот во наредниот период да се зголеми двојно. Парцелата за компанијата изнесува 19.000 метри квадратни.
Производите на Хајтек наоѓаат широка примена во воената индустрија, авионската, автомобилската индустрија, во медицинска опрема, а нивни клиенти се големи глобални компании како Континентал, Бош, Сименс, Филипс и други.