Александар Дугин – Русинот меѓу Путин, Ердоган и Трамп
Рускиот ултранационалист, наречен „Распутин на Путин“ од страна на „Breitbart News“, кога медиумот се уште беше под водство на главниот стратег на Доналд Трамп – Стив Банон, се појави како неверојатен посредник во надворешната политика за Кремљ. Александар Дугин, чија брада потсетува на сибирскиот мистик, кој го маѓепсал царското семејство, вели дека одиграл клучна, но во голема мера тајна улога во надградување на односите меѓу Русија и Турција, што е потврдено и од висок претставник во Анкара. А со луѓе кои тој ги дефинира како идеолошки сојузници во Белата куќа, Дугин е оптимист за подобрување на односите со САД, раскажува Bloomberg.
Откако Турција собори руски борбен авион на сириската граница во 2015 година, филозофот-поттикнувач ги користи контактите во двете земји, за да создаде неофицијален канал, кој им помага на Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган да стават крај на опасното непријателство, тврди и пензиониран турски генерал, кој летал до Москва за тајни разговори.
Приближувањето му овозможува на Путин да ја надмудри администрацијата на Обама и да направи пресврт во граѓанската војна во Сирија во корист на Башар Асад. За Дугин, кој се соочува со „злата“ на либерализмот, тоа ја приближува Русија за еден чекор напред кон исполнувањето на неговата желба за отстранување на глобалниот поредок предводен од САД, делумно оддалечувајќи ја Турција од НАТО и создавајќи „руско-исламски пакт“, кој го вклучува и Иран.
Дугин, син на советски претставник на военото разузнавање, вели дека неговата независност го прави ефикасен посредник на државните работи. 55-годишниот иницијатор, кој е на црната листа на САД поради помошта за бунтовниците во Украина, нема официјален став. Но тој советува член од внатрешниот круг на Путин – мултимилионерот Константин Малофејев, и напишал учебник по геополитика, користен од војската.
„Можам да зборувам со луѓето, како ниту еден официјален претставник не може“, вели Дугин од својата канцеларија во Москва за телевизија Цариград каде е коментатор и уредник (и која е создадена од Малофејев).
„Дипломатот го вели она што му е наредено. Што вели војникот? Дури помалку. А разузнавачот? Апсолутно ништо. Не разбирате каде е вистината. Јас зборувам од гледна точка на геополитика. Затоа Турците почнаа да ми веруваат“, рече Дугин.
Тој често е опишуван како сè – од окултен фашист до мистичен империјалист. Во 2014 година ја губи престижната позиција како шеф на катедрата по социологија на Државниот универзитет во Москва, откако активисти го обвинуваат дека повикува на геноцид. Илјадници луѓе потпишуваат петиција која повикува за негово отповикување, по негова проповед во поддршка на сепаратистите во Украина, во која повикува „убивајте, убивајте, убивајте“.
Кремљ, кој му даде доста време во најголемите телевизии за да ја фали анексијата на Крим во 2014 година, го држи на одредено растојание, откако го критикуваше Путин дека не направил доволно за Украина.
„Тој е сметан за брилијантен филозоф, но брилијантноста е многу блиску до лудилото“, вели Сергеј Марков, политички советник на тимот на Путин. Иако Дугин не е официјален претставник при средбите со Турција, Марков вели дека „очигледно им даде на Турците добри совети“.
Писмата на Дугин, објавени во десетици книги и безброј блогови, го направиле влијателен мислител не само во Турција, туку и во Иран, каде е чест посетител, како и меѓу партиите против водечките елити, кои се во пораст на Запад – тренд поздравен од руските лидери.
Покрај Турција „само две земји навистина ми обрнуваат внимание – Иран и САД“, вели Дугин.
Предговор на една од книгите е напишан од пензионираниот американски професор Пол Готфрид – поддржувач на Трамп, кој е меѓу првите политички филозофи, кој го користел терминот „алтернативно десно“ за да се опише радикалното конзервативно движење.
Во видео порака за конференција во Ватикан во 2014 година, Банон, чија улога во Белата куќа беше зголемена до член на Советот за национална безбедност на Трамп, ги брани традиционалистичките позиции на Дугин и на други националисти кои сакаат „суверенитет на земјата“. Дугин тврди дека никогаш не се сретнал со Банон.
Улогата на Дугин е во решавањето на кризата со Ердоган поради соборувањето на ловци се потврдува од Исмаил Хакин Пекин, поранешен шеф на турското воено разузнавање. Од ноември 2015 година Дугин организира неколку тајни средби со претставниците на двете земји како и во Москва, така и во Анкара.
Конечно, по бројни напори, на 27 јуни, во позадина на економијата на Турција, притисната од наметнатите од Русија трговски ограничувања, Ердоган изрази жалење за инцидентот, отворајќи го патот кон обновување на односите.
Помалку од три недели подоцна – на 15 јули, се случува нешто за кое Дугин предупредува во „тајната одаја“, каде што се одржуваат разговорите – обид за државен удар против Ердоган од незадоволни војници, вели Пекинг.
Ердоган го обвинува Фетхулах Ѓулен (претставници на Турција го обвинуваат него и за соборувањето на авионот во тајните средби со Русија) и неговите следбеници за обидот за државен удар, одговарајќи со голема чистка. А заживеаното партнерство се става на тест повторно во декември, кога амбасадорот на Русија во Турција, е убиен од полицаец во Анкара.
„Тоа беше последен обид на администрацијата во заминување на САД и глобалистите да го прекинат обновувањето на односите меѓу Русија и Турција“, вели Дугин.
Тој сепак со задоволство забележува како тоа не се случува, а Русија и Турција го преземат лидерството за решавање на сириската криза, оставајќи ги САД настрана.
Дугин кој долго време го предвидува распадот на „либералната хегемонија на Западот“, вели дека победата на Трамп е пресвртница во развојот, која ветува дека ќе го промени текот на светската историја.
„Исклучително убаво – еден од најубавите моменти во мојот живот“, вели тој по церемонијата на инаугурацијата на Трамп.
По децении критики против Вашингтон поради обидот за „озапададување на целото човештво“, победата на Трамп ги менува позициите и на Дугин, кој најавува крај на „антиамериканизмот“.
„Америка не само што не е ривал, но е и потенцијален сојузник при управувањето на Трамп“, вели тој.
Сега Дугин се фокусира на Европа, каде што создава врски со партиите против водечките елити, кој се заканува на политичките и воените сојузи создадени пред 70 години.
Предвид клучните избори во Франција, Германија и Холандија оваа година, Русинот има нова мантра за Европа, извадена директно од полемиката во кампањата на Трамп: „пресушете го мочуриштето“.