Македонија

Ги сплотува вербата во Бога: Дечињата без родители гости во Бигорскиот манастир

Да Го љубиш Бога, тоа значи силно да ја чувствуваш Неговата Татковска прегратка која нежно те прегрнува тогаш кога животот станува премногу груб и неизвесен; да Го љубиш Бога, значи да го чувствуваш Неговото присуство, тогаш кога си мислиш дека си сам на овој свет; ако Го љубиш Бога, тогаш ти ја кажуваш најсилната молитва која ги опфаќа сите луѓе, сите среќни и несреќни, сите оставени и осамени, сите радосни и оние кои заборавиле да се радуваат… зашто кога Го љубиш Бога, ти имаш љубов и за сето Негово создание. Ова е пораката од Бигорскиот манастир кој  го посетија дечињата без родители од „11-ти Октомври“.

А таа Татковска љубов Божја можеби никој не ја почувствувал толку силно, како оние кои суровите животни околности ги лишиле од топлата родителска љубов. Овие денови тоа и на дело се покажа.

-Нашите две Обители изминатите пет дена се радуваа со топлата и искрена радост на децата од домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Имајќи Го Бога за свој Татко и чувствувајќи ја Пресветата Богородица како своја нежна мајка, тие доживеаја целосна духовна преродба и преобразба во Христовата љубов. Тоа најмногу се покажуваше при нивните средби со нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кој со несебична грижа и безусловна љубов ги прими овие деца во манастирските прегратки, велат од манастирот.

Затоа и тие му ја изразија својата синовска љубов во нивните детски впечатоци:

Мартин Анакијев, 17 години: „Отец Партениј, ви благодарам што ме примивте, ми беше задоволство што ве запознав лично и што запознав многу монаси. Во овој манастир сè е прекрасно – службите, а особено Литургијата. Многу убаво ми беше кога гледавме поучни филмови, кога готвев со отците во кујната, ми беше убаво и кај козите и тоа што сите отци ни помагаа да учиме за Бога. Се исповедав. Ја засакав црквата и иконите и ќе ми биде мило да ме викнете пак“.

bigorski-11

Роберто, 11 години: „Отец Партениј, ви благодарам од срце што нè примивте во Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Ние многу ве сакаме и сакаме да ни дојдете во домот 11 октомври и на зима пак да нè примите овде. На службите беше многу убаво и ние многу ќе се молиме за вас“.

bigorski11-2

Порака од девојчињата: „… Имавме попладневна молитва, на која бевме воодушевени од гласот кој влегуваше длабоко во нашите души, светлината која навлегуваше високо од прозорите делуваше како вистинско божествено Царство. Скромниот ручек што ни го приредија, до самиот негов крај беше проследен со читање на волшебни зборови. Кога заврши ние со молитва Му се заблагодаривме на Господ за трпезата. Сè беше како во едно мало царство… Утредента нè пречека отец Партениј. Бевме воодушевени. Му пријдовме и му целивавме рака, со која тој нежно нè помилува по главата и ни пожела добредојде. Во тој миг почувствувавме среќа, голема радост и леснотија во душата. Со душа ја чекавме секоја средба со него и очекувавме нешто духовно волшебно да ни се случи. Поминавме пет прекрасни денови и бескрајно сме благодарни, зашто научивме што значи и колку многу значи да Го љубиш Господ. Со нетрпение ја чекаме следната покана“.

bi

Поврзани вести

Back to top button