БизнисМакедонија

Мицкоски: Не придонесувајте во туѓи економии, иднината на вашата татковина се гради дома

Демографските промени се реалност што бара одговорност, визија и системски политики, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на Владата.

Премиерот нагласи дека демографската криза веќе има видливи последици.

– Подолго време многу држави, вклучително и во нашиот регион, овие промени ги гледаа исклучиво низ призмата на бројките – колку нè има помалку, колку старееме, колку луѓе заминуваат. Таа таканаречена демографска вознемиреност често создаваше политики што реагираа доцна, фрагментирано и без долгорочна визија. Но суштината не е само во бројките. Суштината е во квалитетот на животот, во довербата што граѓаните ја имаат кон сопствената држава, во чувството дека тука можат да создадат дом, семејство, кариера и иднина – нагласи премиерот.

Според него, клучниот проблем е јазот во демографската отпорност, односно неподготвеноста навреме да се препознаат и менаџираат промените. Во тој контекст ја најави новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046, пренесе МИА.

– Нашиот пристап е јасен: наместо политика на страв, градиме политика на отпорност, наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија, наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046 – не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека основата на стратегијата е вложувањето во луѓето и испрати порака за личната и колективната одговорност.

До младите упати порака дека треба да сонуваа дома.

– Дома треба да сонуваме и дома треба да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Не придонесувајте во туѓи економии, иднината на вашата татковина се гради дома, рече премиерот.

ФОТО: Влада

Поврзани вести

Back to top button
Globus 2