Ердоган и Путин ќе си го поделат Балканот?
Во светлината на новата геополитичка клима и обидот за преврат во Турција претстојната на 9 август средба меѓу рускиот и турскиот лидер – Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, може да влијае на Балканскиот полуостров и поконкретно на Србија. Ова го пишува српскиот весник „Блиц“, повикувајќи се на политички и економски аналитичари и експерти за безбедност.
– Турската геополитика го смета Балканот за природна зона на влијание. Тука живеат 8 милиони муслимани, кои се однесуваат на Турција како кон земјата-мајка. Може да се очекува во август Ердоган и Путин да почнат да ги делат зоните на влијание, откако Русија би можела да даде зелено светло на Турција да тргне поинтензивно кон Балканот, смета аналитичарот Зоран Драгишиќ.
Што се однесува до безбедноста, според Драгишиќ, Турција располага со можности да го дестабилизира Балканот, ако посака. Засега нема сигнали дека се тргнува во оваа насока.
– Нема да има османлии со сабји, кои ќе напаѓаат низ Србија. Но сигурно пучот во Турција не е во наша полза, вели Драгишиќ.
Сабјите може и да се во футролите, но Турците „инсталираа на Балканот свој тројански коњ“, смета пак експертот за безбедност Џевад Галијашевиќ.
– Бакир Изетбеговиќ е буквално Тројанскиот коњ на Ердоган, преку кој по потреба може да продолжи заострувањето на односите меѓу Бошњаците и Србите што е главен фактор за дестабилизација на Балканот. Турскиот претседател сепак ќе има доста работа по стабилизацијата во Турција: таму тој се бори не само против Ѓулен, но пред се против американската инфраструктура во армијата, полицијата, судот. Таквата борба ќе трае со години, смета Галијашевиќ.
Според него, сепак постои сериозна можност една регионална сила како Турција да се обиде да го реши својот внатрешен проблем преку извоз на дестабилизација, во случајот на Балканот.
– Ердоган би можел да го стори тоа, за да го одвлече вниманието на Западот од своите проблеми и да ги потсети на значењето на Турција во нашиот регион. Србија сепак покажа дека во однос на безбедноста го контролира Санџак, кој е точката на турското влијание во Србија и на тој начин таа тешко ќе биде дестабилизирана, тврди Галијашевиќ