Руски научници: Mагдоносот и копарот се антиканцерогени
Тим на руски научници предложи ефикасна технологија за производство на супстанци со антиканцерогени својства екстрахирани од семето на магдонос и копар, известува Институтот за физика и технологија од Москва.
„Во денешно време, основната задача на модерната наука е да пронајде иновативен пристап за третманот на ракот, како и да ги подобри веќепостоечките терапии за ракот. Ние развивме едноставен метод за производство на супстанци кои го инхибираат растот на туморските клетки кај човекот, со помош на состојки од природата“, вели професорот Александар Киселев од Институтот за физика и технологија од Москва.
Во моментов, главниот метод за медицински третман на ракот е хемотерапијата, при која се користат лекови кои ја инхибираат делбата на клетките, при што се спречува развојот на клетките на ракот. Канцерските клетки се делат многу почесто од нормалните, па токму затоа се и поподложни на ефектите на овие лекови. Во природата, вакви супстанци можат да се најдат во најголем дел кај тропските растенија.
Ова истражување се фокусира на еден таков агент кој ја инхибира делбата на клетките – „glaziovianin A“ кој се наоѓа во лисјата на бразилското дрво „Ateleia glazioviana Baill“. Но, синтезата на овој агент е прилично тешка и скапа, па руските научници откриле нов начин за да го синтетизираат – од семето на магдоносот и копарот, заедно со неколку аналогни сусптанци со подеднакви антиканцерогени дејства. Научниците го тестирале антиканцерогеното дејство на овие нови супстанци со помош на две независни методи, користејќи ембриони од морски ежиња и човечки клетки на ракот.
Ембрионите од морските ежиња биле искористени за да ги имитираат клетките на ракот, бидејќи тие активно се делат во раната фаза на ембрионалната еволуција. Научниците експериментирале со дозата на супстанците за да одредат со колкава концентрација делбата на клетките целосно престанува и откриле дека колку е помала концентрацијата, толку е поголема активноста на супстанцата во спречувањето на делбата.
Понатаму, научниците продолжиле да ги тестираат новите супстанци на различни човечки клетки на ракот, како на пример рак на белите дробови, рак на простатата, дојката, дебелото црево и јајниците. За споредба, тие го тестирале и влијанието на супстанците на здрави крвни клетки.
Резултатите покажале дека новите супстанци екстрахирани од магдонос и копар се ефикасни во ограничување на растот на клетките на ракот и кај човечки и кај животински клетки, а немаат никаков ефект на здравите крвни клетки, додека супстанцата „glasiovianin A“ се покажала како најактивна од сите.
Научниците следно ќе ги тестираат овие супстанци на човечки тумори всадени во експериментални глувчиња.
Истражувањето е објавено во „Journal of Natural Products“.