Религија

Денеска е Свети Никола – Летен

енеска православните христијани го слават Пренесувањето на моштите на Свети Николај во Бари (Свети Никола – Летен)

Празник на пренесувањето на моштите на Свети Никола

Освен зимскиот празник Свети Никола нашиот народ празнува и друг празник посветен на свети Николај Чудотворец архиепископ Мирликијски. Тоа е празникот Свети Никола – летен. Овој празник повеќе се празнува како селски празник со заеднички празнувања. На овој ден се празнува пренесувањето на моштите на св. Никола од Мир (Ликија) во Бари (Италија).
Кога на Блискиот Исток почнал да продира исламот, многу населени места биле опустошени. Заедно со населбите страдале и гробовите на светителите. Меѓу нив била и Ликиската област каде што се наоѓал гробот на св. Николај. Но Господ сакал моштите на така голем светител да не настрадат и да не бидат подалеку од верниците. Затоа една ноќ на еден праведен свештеник од градот Бари во Италија, му се јавил свети Николај и му рекол да им каже на граѓаните и црковните старешини да ги пренесат во нивниот град моштите што се наоѓат во градот Мир во Ликија. Утредента свештеникот го раскажал својот сон на верниците и црковните лица и сите се радувале што Господ го дарувал нивниот град со светите мошти на свети Николај. Подготвиле три бродови полни со жито и група верници и свештеници се упатиле кон градот Мир. Таму ги пронашле моштите и на 11 април испловиле од пристаништето, а на 22/9 мај пристигнале во градот Бари во Италија. Во тоа време јужните делови на Италија уште биле православни. На пристаништето се собрале многу верници и со свештениците славејќи го Бога ги пречекале светите мошти, и ги положиле во црквата посветена на св. Јован Крстител што се наоѓала покрај морето. Уште со првиот допир со светите мошти многу болни примиле исцелување, а за неколку дена оздравеле над сто болни, од различни болести. По три години бил изграден храм посветен на светиот Николај и моштите биле пренесени во тој храм со многу голема свеченост Тогаш се востановило секоја година на 22/9 мај да се празнува денот на пренесувањето на светите мошти од Мир во Бари, но и од црквата „Свети Јован“ во црквата „Свети Николај – Чудотворец“.
Стефан Тановиќ во своите записи за празниците во Гевгелиско запишал дека овој празник не се празнува по календарот на 9 мај (с.с.) туку на 20 мај (с.с.) Се празнува поради поплави и дождови. И во други краишта на Македонија празникот не се празнува на 9 туку на 20 мај. (с.с.)

Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Неговиот чичко, кој исто така се викал Николај, и кој бил архиепископ Патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер. За време на ракополагањето епископот исполнет со пророчки дух во еден момент покажувајќи на младиот Николај извикал: „Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници“. Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски. Како архиепископ Николај бил омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на сиромашните девојки им купувал мираз за да се омажат итн.

По смртта на неговите родители коишто биле многу богати сето богатство што го наследил го разделил на сиромасите, но тоа го правел тајно тргнувајќи од божјите зборови за добрите дела да не бара светска слава.
Житието раскажува дека во тоа време во градот Патара живеел некој човек којшто ненадејно го изгубил богатството и бидејќи не бил способен да се бори во животот бил решен и со нечесни средства да остварува средства за живот. Имал намера да ја жртвува дури и честа на своите три ќерки, но во тоа го спасил св. Никола кој ноќно време низ прозорецот му дофрлувал пари. Со тие пари таткото ги омажил и трите ќерки, а кога разбрал кој му го дава богатството паднал пред нозете на Никола и со солзи во очите му благодарил со зборовите: „Ако не беше те пратил Господ да не спасиш, јас не можев да одолеам на искушенијата, ќе паднев во грев и ќе ја жртвував честа на моите ќерки.“
Кога за време на владеењето на царот Диолкецијан станале големи прогони на христијаните и Николај бил затворен и подолго време останал во темница. Но кога царот Константин го признал христијанството и кога ги ослободил сите затворени христијани и Николај бил ослободен и повторно се вратил на архиепископскиот трон. Учествувал и на Првиот веселенски собор во Никеја, во 325 година, каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго учење.
По пронаоѓањето на светиот крст од страна на царицата Елена многу луѓе тргнале да ги посетуваат светите места. И архиепископот Николај тргнал на вакво патување, на кое се случиле многу чудни настани. Житието раскажува дека додека патувале по морето Николај претскажал големо невреме, но морнарите познавајќи ги метеоролошките услови го исмевале велејќи му да не зборува за работи што не му се познати. Но кога набргу навистина фатило страшно невреме, кога се кренале големи бранови и кога сите очекувале несреќа Николај се помолил на Господа и бурата престанала. Вакви настани за време на животот на Николај се случиле повеќе, а тој и по смртта продолжил да ги заштитува патниците, посебно оние што патувале по вода.
Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите св. Николај му се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа време црквите во јужна Италија ѝ припаѓале на цариградската патријаршија. Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари (Италија), во 1087 година, поради што и овој датум (22/9 мај) се смета за празник на Св. Никола (Св. Николај ‒ летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. коишто доживеале исцелување.

Светиот пророк Исаија

Овој голем пророк беше од царски род. Роден во Ерусалим од татко Амос, брат на јудејскиот цар Амасиј. Според големата Божествена благодат што беше во него, Исаија се удостои да Го види Господ Саваот на небесниот престол, опкружен со шестокрили серафими, коишто непрестајно пееја: Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот. Исаија им пророкуваше многу нешта како на одделни луѓе така и на народите. Еднаш три дена одеше сосем гол по улиците ерусалимски пророкувајќи го брзиот пад на Ерусалим под Асирскиот цар Сенахерим и опоменувајќи ги царот и народните главешини да не се надеваат на помошта од Мисирците и Етиопјаните, бидејќи и тие наскоро ќе бидат покорени од тој истиот Сенахерим, туку да се надеваат на помошта од Севишниот Бог. И ова пророштво како и останатите се исполни до збор. Но најважни беа неговите пророштва за воплотувањето на Бога, за зачнувањето на Пресветата Дева, за Јован Предвесник и за многу настани од животот на Христос. Овој видовит маж имаше, заради чистотата на своето срце и заради ревноста кон Бога, дар на чудотворство од Бога. Така, кога опседнатиот Ерусалим страдаше од жед, тој се помоли и потече вода под гората Сион. Таа вода е наречена Силоам (пратена); и на таа вода го упати подоцна Господ слепородениот за да се измие и да прогледа. Во времето на царот Манасија, кога Исаија грмеше против незнабожечките обичаи на царот и на главешините, изедначувајќи го тогашното поколение со Содом и Гомор, против овој голем пророк се дигна гнев од народот и главешините и беше фатен, изведен надвор од Ерусалим и стружен со бичкија. Живееше и пророкуваше 700 години пред Христа.

Светиот маченик Христифор

Голем чудотворец. Особено почитуван во Шпанија. Нему народот најмногу му се моли против заразни болести и разни помори. Намачен за Христа и прославен од Него во 249 година.

Поврзани вести

Back to top button