Ѓоргиев: Не е поништена одлуката за поставување на крст во Бутел
Тотално неточна и невистинита е информацијата дека Владата ја поништила одлуката за поставување на крстот во населбата Бутел, реагираат од Владата.
-Не е донесена таква одлука вчера воопшто и немаше седница. Во целост ја демантирам таквата шпекулација – вели Александар Ѓоргиев портпарол на Владата.
Порталот МКД.мк повикувајќи се порталот на албански јазик Албеу објави дека Владата ноќеска на седница донела одлука со која се анулира одлуката на Советот на општина Бутел за изградба на крст на кружниот тек на влезот во општината Бутел.
Активистите на ДУИ синоќа околу полноќ почнаа да го растураат кампот поставен на местото каде што општина Бутел планира да изгради крст. Од Партијата велат дека се повлекуваат за да им овозможат на православните христијани утре слободно да ги посетат гробиштата на Задушница, но ќе продолжат институционално да го решаваат проблемот и со помош на меѓународната заедница.