Се поизвесна нова крвава војна
Турција ја продолжува борбата против курдските единици во Сирија. Истовремено се бори и против ПКК на југоистокот на земјата. Конфликтот во југоисточна Турција е поврзан со другите конфликти во регионот, пишува Дојче веле.
Турската војска и натаму ги напаѓа курдските позиции на северот на Сирија. Сириската набљудувачка мисија за човекови права во Лондон соопшти дека во гранатирањето на новоосвоените позиции на северот на градот Алеп, во саботата и во неделата, загинаа двајца борци додека седуммина се ранети. Неодамна регионот од силите на терористичката Исламска држава го зазедоа единиците за заштита на курдскиот народ (ЈПГ) и арапските сојузници.
Турската влада пред тоа соопшти дека се завршени борбите против борците на Курската работничка партија (ПКК) во градот Џизре на југоистокот на Турција. Борби во тој град се водеа неколку месеци. Турските безбедносни сили соопштија дека во тие борби се убиени над 600 борци на ПКК.
Курдскиот лидер Абдула Оџалан, близок на „Унијата на заедниците на Курдистан“ (КЦК), кој се наоѓа во турски затвор, е ужаснат од акциите на турските безбезбедносни сили. Тој им префрла за „менталитет на геноцид“. КЦК се осврнува на конкретна операција која е извршена на почетокот на февруари. Тогаш турските сили нападнаа една зграда во центарот на Џизре. Во подрумот на таа зграда заштита побараа повеќе десетици ранети. „Демократската народна партија“, блиска на Курдите, на владата ѝ префрла дека извршила масакр на над 60 луѓе.„Веруваме дека безбедносните сили во Џизре извршија масовно убиство чии димензии постепено излегуваат на виделина“, изјави за ДВ Селахатин Демирташ, лидер на Демократската народна партија (ХДП). „Силите на безбедност извршија масакар, но тоа не можат да го признаат. Телата на убиените се однесени низ споредни улици или се ставени под урнати куќи за да се остави впечаток дека тие луѓе умреле порано“, вели Демирташ.
Фајсал Саријилдиз, член на ХДП и пратеник во турскиот парламент, веќе два месеца се наоѓа во Џизре. Тој исто така ги потврдува ригорозните акции на силите на безбедност. Ранетите, кои се наоѓале во подрумот, поради полициски час не добиле ни медицинска нега, ниту храна. „Знаеме дека во еден од подрумите се наоѓале повеќе од 30 лица. Седум загинаа“, вели Саријилдиз. „Во други два објекта се наоѓаа 110 лица. Во воениот напад врз тие објекти се убиени 70 луѓе. Сепак, сметаме дека се убиени повеќе луѓе.“ Постојат сомневања дека некои од телата се запалени, толку што убиените лица воопшто не можат да се препознаат. Саријилдиз вели дека започнал сеопфатна истрага. Турската војска забранила пристап до државната болница. Тој се обратил до канцеларијата на гувернерот на Џизре, но одговор се’ уште не добил. Курдската новинска агенција Фират Њуз Ејџенси разговарала со мајката на една од жртвите на нападот. Таа и другите родители за децата не слушнале ништо уште од минатата недела: „Не знаеме дали се живи или мртви. Не сакаме нашите деца да умрат во тие подруми.“
Политикологот Мехмед Алкис од Мармара универзитетот во Истанбул, вели оти конфликтот на југоистокот на Турција може да се засили со криза во целиот регион. „Радикализацијата на југоистокот на Турција и притисокот од страна на безбедносната политика се меѓусебно зависни. Меѓутоа, односите меѓу силите на безбедност и илегалните групи се асиметрични“, вели Алкис. „Во тие конфликти страните понекогаш дозволуваат ескалација на конфликтот за да ги зајакнат своите позиции. Претставници на владата соопштија дека операциите и во другите градови ќе бидат продолжени. Тоа може да доведе до уште поголеми реакции и ескалација на конфликтот.“„Конфликтот на југоистокот на Турција е поврзан со другите конфликти во регионот. Растот на насилството во Турција е поврзан со ескалацијата на насилството во Сирија и во Ирак. Сѐ додека турската влада не го промени својот став кон сириските курдски движења во соседната земја, тешко е дека ќе има мир и во Турција“, вели Алкис. „Ако меѓународните актери ја уверат Турција дека коегзистенцијата со курдската ПИД е возможна тоа би значело и почеток на примирјето и на мировниот процес. Ако до тоа не дојде, тогаш ќе ескалираат конфликтите и тензиите на југоистокот на Турција“, вели Алкис.
Извор: Дојче веле