РелигијаТоп

Светиот маченик Парамон и другите триста и седумдесетмина со него

Светиот маченик Парамон и другите триста и седумдесетмина со него

Во Витинија Азиска некој кнез Аквилин ужасно ги прогонуваше христијаните. Еднаш тој фати триста и седумдесет христијани и ги поведе со себе врзани на некое место каде што беше храмот на идолскиот Бог Посејдон. Овде изопачениот кнез ги принудуваше да му се поклонат на идолот и да му принесат жртва. Иако кнезот му се закануваше со смрт на оној којшто нема да се покори на неговата заповед, ниеден христијанин не му се потчини. Во тој миг покрај храмот поминуваше еден чесен маж по име Парамон. Тој застана крај толпата врзани луѓе и дозна за што се работи, па возвикна: „О колку невини праведници сака да заколи скверниот кнез затоа што не им се поклонуваат на неговите неми и мртви идоли!“ И Парамон го продолжи својот пат. Тогаш разјарен кнезот ги испрати своите слуги за да го убијат Парамон. Слугите го стигнаа, го фатија, па прво му го прободија со трн јазикот, а потоа го разголеа и така му го избодија целото тело. Свети Парамон Му ја предаде душата на Бога со молитва во срцето. Потоа оние триста и седумдесет маченици, големи како синови Божји и невини како јагниња, беа убиени со меч, па преминаа во бесмртното царство на Господ Христос. Пострадаа во 250 година.

Тропар
Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво, оправдание на твоите триста и седумдесет собраќа, молете се, свети маченици, по вашите свети подвизи Христос да се смилува над нашите души.

Преподобен Акакиј Синајски

Во својата славна книга Лествица Св.Јован Лествичник известува за житието на овој светител. Младиот Акакиј бил искушеник кај еден зол старец во Синајскиот манастир. Гневниот Сатрец везден го укорувал и го навредувал Акакиј, а често и го тепал, и на сите начини го измачувал и малтретирал. Но Акакиј не се жалел и сето тоа го поднесувал трпеливо, со уверение дека тоа е корисно за неговото спасение. Кога и да го запрашал некој како живее, одговарал: „Добро, како пред Господ Бог!“ После девет години послушание и мачење Акакиј умрел. Старецот го закопал и отишол да му се пожали на еден свет Старец, велејќи: „Акакиј, мојот ученик, умре.“ „Не верувам, “ одговорил Светиот Старец. Акакиј не умре.“ Тогаш обајцата отишле на гробот на умрениот и оној свет Старец повикал: „Брате, Акакиј, умре ли?“ А послушниот Акакиј и по смртта послушен, одговорил: „Не, оче, не може да умре оној што е послушен“. Тогаш оној зол Старец се покајал, се затворил во една келија близу гробот Акакиев, каде што остатокот од животот го поминал во покајание и во молитва.

Светиот маченик Дионисиј, епископ Коринтски

Познат пастир и учител. Убиен за Христа во 182 година.

Свети Тиридат цар ерменски

Современик на Диоклецијан. Најпрво страшно ги гонеше христијаните. Но го постигна Божја казна и тој полуде и стана сличен на скот, како некогаш Навуходоносор. Од лудилото го исцели чудесно Св. Григориј (под 30 септември). Оттогаш па до смртта Тиридат поживеа во покајание и благочестие. Се упокои мирно во 6 век.

Светиот маченик Аполониј

Римски сенатор. Обвинет за верата во Христа, тој ја исповеда својата вера пред целиот Сенат, заради што беше убиен со меч, во Рим, 186 година

Поврзани вести

Back to top button