Продадени три недвижности на Мијалков, државата заработи 244 илјади евра
Од Агенцијата за управување со одземен имот соопштуваат дека извршиле продажба на три одземени недвижности од поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Одземениот имот бил согласно правосилната пресуда за случајот „Империја“.
– Станува збор за три недвижности кои согласно правосилната судска предуда КОК – ПП бр. 283/2022 се одземени од Сашо Мијалков. Реализираните парични средства од продажбата ќе го зголемат државниот буџет во вкупен износ од 15.000.500 денари или 244 000 евра, информираат од Агенцијата.
Претходно Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас на кој беа понудени дел од конфискуваните недвижнини од Сашо Мијалков.
Понудени на продажба беа два стана во Охрид, од кои едниот од 65 метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234 милиони денари, а другиот во истата зграда од 114 метри квадратни проценет на 9.032.505 денари, како и земјиште од 56.818 метри квадратни кај Морани во Општина Студеничани крај Скопје со почетна вредност од 17.045.421 денари и мал плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни проценето на 29.686 денари.