Со графенoт произведен во Македонија може да се лекува рак
Графенот и јаглеродните нанотуби што се синтетизираат кај нас имаат голем потенцијал со примена на технолошки и фармацевтски научни истражувања да се доведат во состојба на супстанции што ќе бидат во состојба, со посебен третман, да лекуваат рак, вели проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет. Тој нагласува дека тие имаат широка примена, а во медицината можат да се покажат како успешни лекувачи на тешки заболувања.
– Лекот може да се нанесе на јаглеродните нанотуби со негово апсорбирање на и во наночестичките. Тој потоа се внесува во крвта и преку неа оди до туморот, на пример во главата, и токму на тоа место ќе почне да се ослободува. Тоа треба да се случи, според литературните податоци, најмалку два часа по инјектирањето – вели професорот Димитров.
Во моментов, многу успешно се работи на овој проект, под раководство на проф. д-р Анита Грозданов од Технолошко-металуршкиот факултет и во соработка со Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет од УКИМ. – Проектот е финансиски поддржан од ИАЕА и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Во оваа фаза се истражува, потоа следуваат одредени испитување според пропишани светски фармацевтски процедури и на крајот фаза на одобрување на тој начин на лекување. Сето тоа е процес што трае долго – додава професорот Димитров.
Јаглеродните нанотуби и графенот можат да се произведуваат со неколку постапки. Но најевтино е кога тие се произведуваат по пат на електролиза во растопи, со примена на нестационарни струјни режими. Наоѓаат широка примена на пример во производството на сензори. Со јаглеродни нанотуби и графен, детекцијата и информацијата што се добиваат со овие сензори е значително побрза од конвенционалните сензори, а нивната големина е во нанодимензии. Исто така можат да најдат примена и во производството на соларни ќелии, во автоиндустријата, односно во новите електрични автомобили што работат на батерии. Производството на батериите со графен и јаглеродни нанотуби ги зголемува нивниот капацитет и нивното времетраење.
– На светско ниво, од јаглеродни нанотуби, во текот на една година, се заработуваат три милијарди долари. А од графенот, кој е понадежен во моментов, се заработуваат 300 милиони долари. Тој е сѐ уште во фаза на истражување. Сега е вистинскиот момент да се подигне технологијата на полуиндустриско ниво, сега е вистинскиот моментот да се анимираат светските компании да инвестираат во Македонија и да набавуваат графен токму од кај нас, од Македонија – додава професор Димитров.
Наноматеријалите се користат во различни производи, како на пример лосиони за сончање, козметика, спортска опрема, облека отпорна на валкање, гуми за возила, електроника, во медицината за снимање, дијагностицирање на заболувањата и внесување лекови во организмот, како и во многу други производи наменети за секојдневна употреба.
Исто така, овие несекојдневни материјали со уникатни механички, хемиски и електрични својства се користат и во изработка на текстил што е отпорен на валкање и набирање, отпорен на куршуми, отпорен на вода, козметика, електроника, бои и лакови. Нанонавлаките и нанокомпозитите наоѓаат примена во разни производи за широка потрошувачка: прозорците, спортската опрема, велосипедите и автомобилите.
– Се применуваат кај УВ-заштитните навлаки на стаклените шишиња, кои ги штитат пијалаците од влијанието на сончевата светлина, како и кај тениските топчиња, за подолг век на употреба. Нанотитандиоксидот наоѓа примена во козметиката, кремовите за заштита од сонце и прозорците што сами се прочистуваат, додека наносилициумдиоксидот се користи како пополнувач во разни продукти, вклучувајќи ги козметичките производи и забните пломби – информира Димитров.
Извор: Нова Македонија