Која е тајната на овие луѓе: Не пијат лекови и не заболуваат од рак
Истражувањето објавено во „Science Advances“ било спроведено на 177 Амиши на возраст од 18 до 85 години во нивната заедница во Берн, Индијана.
Најновото американско истражување покажало дека мутација што е откриена кај амишите им го продолжува животниот век на припадниците на оваа изолирана заедница за околу десетина години повеќе од просекот.
Се установило дека лицата со една нефункционална копија на генот СЕРПИНЕ1, живеат во просек 10 години подолго од другите членови на амишката заедница.
Студијата била спроведена меѓу амишите што живеат во американската држава Индијана и не користат средства на модерното општество, како електрична енергија, автомобили и лекови.
Познато е дека амишите важат за вонредно здрава заедница. Алергии кај децата речиси не постојат. Во повеќегодишното истражување на амишките деца, научниците констатирале само три случаи на аутизам. Во нивните села многу се ретки болестите на современата цивилизација, како дијабетес, рак или срцеви заболувања.
– Општо земено, амишите не ги користат предностите на модерната медицина, па фактот дека живеат во просек по 85 години е многу интересен, истакнал кардиологот Даглас Вонан, кој ги објавил резултатите од истражувањето во списанието „Science Advances“.
Од 177 тестирани амиши, кај 43 била најдена споменатата мутација.
За научниците, стареењето е еден од најголемите биолошки предизвици, па откривањето на мутацијата што има толку силно влијание врз должината на човечкиот век е многу интересно.
– Вонредно голем е предизвикот да се откриваат генски предиспозиции за продолжување на животниот век, смета доктор Вонан.
Стареењето е проследено со низа негативни симптоми, а оваа мутација решава многу од нив: од заштита од дијабетес до одржување на еластичноста на крвните садови.
– Откривме нешто што се чини дека влијае врз нивото на молекули, хормони, еластичноста на ткивата и со во краен резултат – продолжување на животниот век кај амишите, заклучува тој.
Мутацијата резултира со подолги теломери – ситни делови од ДНК кои влијаат врз здравјето и долговечноста на поединецот. Изгледаат како заштитни капчиња на крајот на хромозомите и одредуваат колку брзо ќе стареат клетките, во која мера сме склони кон мозочен удар или развој на рак, кардиоваскуларни болести, дебелина, васкуларна деменција, дијабетес и остеопороза.