Живот

Загадувањето и некои други фактори и те како предизвикуваaт рак

Научниците открија дека дури во 70 до 90 отсто од случаите дошло до заболување од рак поради надворешни фактори Ракот е главно резултат на фактори на животната средина, а не на лоша среќа, како што се мислеше најчесто до сега, покажува една студија.

Оваа година научниците расправаа по укажувањата дека две третини од одредени видови рак повеќе се должат на лоша среќа отколку на други фактори, како што е пушењето. Новата студија, која беше објавена во списанието „Нејчр“ (Nature), која користи четири пристапи, заклучува дека само 10-30 отсто од заболувањата на ракот се поврзани со начинот на кој телото природно функционира, односно на „среќа“. Експертите велат дека анализата е доста убедлива. Ракот е предизвикан кога една од сопствените матични клетки на телото се преобразува во непријателска и се дели надвор од контрола. Тоа може да биде предизвикано или од страна на внатрешни фактори кои се дел од вродениот начин на кој функционира телото, како што е ризикот од мутации кои се случуваат секогаш кога клетката се дели, или од надворешни фактори како што се пушењето, УВ-зрачење и многу други причини кои не се идентификувани. Аргументите се однесуваа на релативната важност на внатрешните и надворешните фактори. Во јануари, во извештајот во списанието „Сајнс“ (Science) имаше обид да се објасни зошто некои ткива се милиони пати поподложни на развој на рак од другите. Објаснувањето се сведе на бројот на поделбите на клетката, што е надвор од нашата контрола и даде повод за подем на тезата за „лоша среќа“. Во најновата студија, тим од лекари од центарот за лечење рак „Стони Брук“ во Њујорк му пријдоа на проблемот од различни агли, вклучително и компјутерско моделирање, податоци за населението и генетски пристапи. Тие велат дека резултатите сугерираат дека 70-90 отсто од ризикот за заболување од рак се должи на надворешни фактори. Д-р Јусуф Ханун, директор на „Стони Брук“, изјави за веб-сајтот на „Би-Би-Си њуз“ дека надворешните фактори играат голема улога и дека луѓето не можат да се кријат зад лошата среќа. „Тие не можат да пушат и да велат дека е лоша среќа ако заболат од рак. Тоа е како револвер, вродениот ризик е еден куршум. Ако се игра руски рулет, тогаш можеби еден од шест ќе добие рак – тоа е суштината на лошата среќа“, вели тој, додавајќи дека она што го прават пушачите е да додаваат уште два или три куршуми во револверот. „И сега, тие го повлекуваат чкрапалото“, вели Ханун. „Се’ уште е елемент на среќа тоа што не добива рак секој пушач, но шансите се наредени против нив“, додава тој. Како што вели Ханун, од аспект на јавното здравје, многу е важно да се отстранат колку што е можно повеќе куршуми од реденикот.

Проблем за истражувачите е што не можат да се идентификуваат сите надворешни ризици, ниту пак, можат сите да се избегнат. Според Кевин Мекконвеј, професор по применета статистика во Отворениот универзитет, пак, не се обезбедени убедливи докази дека надворешните фактори играат голема улога во многу видови на рак, вклучувајќи и некои од најчестите. „Дури и ако некој е изложен на важните надворешни фактори на ризик, се разбира, не е сигурно дека ќе се развие рак иако можноста секогаш постои“, вели тој. Но, и покрај ова тој смета дека студијата покажува уште еднаш дека треба да се погледне под она што се нарекува „чиста среќа“ со цел подобро разбирање и подобра заштита од рак. Д-р Ема Смит, од британскиот центар за истражување на ракот, вели дека иако здравите навики, како воздржување од пушење, одржување соодветна тежина, здрава исхрана и намалување на алкохолот не се гаранција против рак, тие сепак драстично го намалуваат ризикот за развој на болеста.

Поврзани вести

Види и...
Close
Back to top button