Зошто Путин инвестира во православието
Со оглед на претстојната посета на рускиот претседател во Грција на 28 мај, новата книга „Во мозокот на Владимир Путин“ на францускиот филозоф и новинар Мишел Елчанинов добива посебно значење затоа што таму аналитички е претставена неговата визија и концепт за создавање на православна империја во сојуз со грчката црква и, се разбира, со Цариградската патријаршија.
Списанието Тајм, листата на Форбс, и меѓународната јавност го определуваат Путин не само како еден од највлијателните луѓе на планетата, туку и како човек кој повторно успеал да го обедини распаднатиот Советски сојуз.
Почнувајќи ја својата кариера во Санкт Петербург, каде е и роден, Владимир Путин ја презема Москва и од советник по меѓународни прашања и поранешен раководител во КГБ стига до кормилото на руската власт, кое го држи цврсто веќе 17 години.
Православието изгледа игра значителна улога во зацврстувањето на неговиот обеме план за повторно враќање на руската слава. Впрочем тоа беше споменато и од самиот Путин во говор: „Руската нација и обединетата руска држава започнаа да се создаваат со доаѓањето на христијанството“.
Не е случајно што на средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Москва пред неколку месеци, рускиот шеф на државата не само што посака од него да му помогне во организирањето на настаните за чествување на важната годишнина посветена на илјадагодишното руско присуство на Света гора, туку и активно да се вклучи во распространувањето на улогата на православието.
Меѓу симболичните подароци кои тој му ги даде на грчкиот премиер беа и иконите на Свети Никола и на Свети Спиридон, кои биле украдени од офицер на Ес-Ес од манастир во Спарта.
Освен тоа, во своите интервјуа Путин никогаш не пропушта да го спомене фактот дека неговата мајка тајно го крстила во православната христијанска вера. Но што е тоа кое го претворило православието во недовоив дел од глобалната визија на Владимир Путин?
Во доста интересната книга на Мишел Елчанинов (која излезе во превод на грчкиот пазар) се анализираат сите теоретски фактори кои претставуваат главни столбови на неговиот проект.
Во неа акцентот е поставен на тоа „како е изградена визијата на Путин за „рускиот пат“ и какво влијание врз рускиот претседател имаат православието, Византија, светскиот поредок, Маркс, Достоевски, распаѓањето на Југославија или панславизмот“.
Авторот, кој е сметан за еден од најпознатите интелектуалци во Франција, иако по потекло е од Русија, е добро запознат со противречната врска на претседателот на Русија со Западот.
Истовремено, како филозоф Мишел Елчанинов добро го познава начинот на кој Путин ја користи теоријата, филозофијата и религијата за зацврстување на својата моќ.
Предефинирањето на панславизмот и православието се во основата на неговиот план. Со тоа може да се објасни и фактот дека во неговата главна група за влијание се вклучени цела плејада од филозофи, соработници, писатели и режисери.
Карактеристично во однос на тоа е поддршката за рускиот претседател од страна на славниот режисер Никита Михалков, кој, како што пишува Елчанинов во својата книга, „веќе две децении тврди дека Путин е инспирацијата за обновувањето на Бела Русија по паѓањето на комунизмот“.