Религија

Значењето и историјата на празникот „Благовештение“

Огромно и  неприкосновено е значењето на Богородица во животот на Црквата. Таа е Онаа која Му ја даде човечката природа на нашиот Господ Исус Христос; Онаа во која видовме чудесен спој на сите добродетели; Онаа која го исправи старозаветниот престап – преку Ева влезе гревот во човекот, а преку Дева дојде Спасението негово. Некогаш во сетилниот Рај човекот се оддели од Бога, а овде во Црквата, преку Богородица, тој се соединува со Него. Некогаш змијата ѝ шепотеше на Ева, на грев наведувајќи ја, а еве, сега, Архангелот Гавриил, со блага вест Дева ја поздравува, соопштувајќи ѝ за Овоплотувањето кое во неа треба да се изврши.

Ако зборуваме за Христа, „не можеме да ја изоставиме таа што Му даде тело, а кога зборуваме за Богородица, истовремено се осврнуваме и на Христа, зашто таа од Него црпи благодат и значење“ (Митрополит Јеротеј Влахос). И затоа теотокологијата е тесно поврзана со христологијата, што исто така се согледува и во животот на Црквата, во животот на Светиите, чијшто карактеристичен белег е нежната љубов кон Мајката Божја.

„Денес е почетокот на нашето спасение и објавувањето на тајната од вековите…“, се вели во тропарот. И навистина Благовештението е почеток на сите Господови празници, означува „добра вест“ „блага вест“, благоизвестие за најголемата и најрадосната вест во историјата на човештвото, за спасението на човечкиот род, коешто се изврши преку Овоплотувањето на Синот Божји во утробата на Дева Марија.

„Празникот Благовештение е воедно и Господов и Богородичен. Господов бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богородица, а Богородичен бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе во зачнувањето и вочовечувањето на Бога Словото“ (Митрополит Јеротеј Влахос).

Воведувањето на овој празник во животот на Црквата може со сигурност да се следи дури од VII век. Но постојат некои факти, според кои неговата историја би можела да го има својот почеток уште од многу порано, односно уште од III век. Имено, постојат неколку беседи кои им се припишуваат на Светите Григориј Чудотворец, Петар Хрисолог и Атанасиј Синајски, но некои истражувачи сметаат дека тие не се автентични. Исто така, во VII век во Назарет постоела базилика посветена на Благовештение, како и базилика во Витлеем, посветена на Раѓањето Христово, што ја изградила Св. царица Елена во куќата каде што се случило Благовештението. Јероним (+420) пишува дека во Назарет, на самото место каде што ѝ се јавил Арх. Гавриил на Пресвета Богородица, постоел храм во спомен на истиот настан.

Тогаш зошто не би можеле да кажеме дека овој празник започнал да се слави многу порано, кога веќе уште во   ранохристијанскиот период постоеле храмови посветени на ова свештено собитие? Во прилог на ова се и беседите изговорени во Цариград во V – от век, од страна на Прокло Патријарх Цариградски и Василиј Селевкиски. Нивната содржина зборува за овој настан.

Сигурната историја на празникот може да се следи од VII век, односно од Трулскиот Собор (692 год.), кој предвидува во деновите на Великиот Пост да се служи Литургија на Претходно осветени дарови, освен во сабота и недела, како и на празникот Благовештение.

Богослужбата на овој празник ја пишувале повеќе химнографи, меѓу кои Светите Андреј Критски, Јован Дамаскин, Козма монах, Анатолиј Цариградски, Лав Мудри и други.

Извор: Bigorski.mk

Поврзани вести

Back to top button