Свет

Војната на Ердоган против сите: Еве зошто Турција ја чекаат мрачни денови

Турција се соочува со страшна ноќна мора – бомби експлодираат во градови ширум земјата, непријателите ги загрозуваат нејзините граници, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган завојувал со сите.

Вака американски Washington Post ја оценува позицијата во која денес се наоѓа Турција, нагласувајќи дека “тешкиот период допрва доаѓа”.

Пред четири години Турција ја заземала позицијата на најголем победник на “Арапската пролет”, а во очите на Западот била “пример за тоа како тој регион би требало да изгледа”. Но, само четири години, и една војна во соседството, биле доволни турската позиција да почне да паѓа.

На почетокот на крвавите судири во Сирија и појавата на ИСИС, потресени биле темелите на турската слика за “столб на стабилноста во регионот”.

“Турција се соочува со катастрофа. Земјата и во минатото имала проблеми, но сега нема можност да излезе на крај со новонастанатата ситуација”, изјавил за Washington Post професорот по меѓународни односи на Универзитетот “Ипек”, Гохан Бацик.

Судирот со најголемиот сојузник – САД, константните судири со Работничката партија на Курдистан и обвиненијата за соработка со ИСИС, ги продлабочиле проблемите на Турција и целосно ја разоткриле нејзината ранливост.

Изјавата на претседателот Реџеп Ердоган, кој му порачал на Вашингтон дека може да избере меѓу “НАТО членката Турција и Курдите” е своевиден автогол, бидејќи уценување на Американците не може да тргне на добро.
Со тоа мислење се сложува и неговиот колега Сол Озел од Универзитетот “Кадир Хас”, кој додава дека Турција до таа мерка ги нарушила односите со сите, што повеќе никого не може да убеди дека е способна да направи било што.

“Турција стана земја која повеќе нема тежина. Блефира и не ги исполнува ветувањата. Не е во состојба да ги заштити најважните интереси и во конфликт е со сите, дури и со своите сојузници. За држава која до неодамна важеше за регионален лидер, моменталната состојба е страшна”, вели Озел.

Претседателот Ердоган и покрај сè продолжува да се заканува со воена операција во Сирија, а никој не го поддржува во тоа, вклучувајќи ги и граѓаните и војската. Како и да е, не е во состојба да обезбеди ниту поддршка од САД, која се плаши дека на тој начин ќе предизвика војна со Русија, пишува Washington Post.

Како причина за тоа, американскиот весник наведува дека турскиот претседател се преценил себе во меѓународната арена, и не ги земал во предвид сите фактори за да испланира сопствена стратегија во Сирија.

“Ердоган не излезе на крај со ситуацијата поради сопствената надменост. Беше премногу сигурен во себе уште во 2010. година и тоа го чинеше глава. Моментално е во проблеми за кои не е дораснат, а само тој е во состојба да се извлече од истите”, вели Хенри Барки, експерт за Турција од “Вилсон Центарот” од Вашингтон.

 

 

Поврзани вести

Back to top button