По повод празникот Преображение Христово во манастирот „Свети Ѓоргија Победоносец“ во селото Кнежино, беше отслужена света архијерејска вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски господин Тимотеј, во сослужение на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, јеромонаси од бигорското братство и свештеници од Кичевското архијерејско намесништво. Покрај вообичаениот чин на вечерната богослужба, митрополитот господин Тимотеј изврши и постриг врз досегашната искушеничка на манастирот сестра Драгица, при што таа го доби монашкото име Софија.
Инаку, сестра Софија за својата хуманитарна дејност при нејзиниот престој во САД има добиено и благодарница лично од поранешниот американски претседател Барак Обама, а нејзината хуманитарна дејност продолжува и денес во земјава.
Сестра Софија во манастирот „Свети Ѓоргија Победоносец“ ќе ја наследи упокоената монахиња сестра Доротеја (почина во 2016 година), а во овој манастир моментално се наоѓа и искушеничката Каролина. Таа при краткиот престој во манастирот организира и повеќе работилници за најмладите од градот, ги подучуваше како да креираат, да се дружат и да ја почитуваат верата.
По свечениот чин, во новоизградените манастирски конаци за свештенството и верниците беше организирана и свечена вечера.