Религија

Владика Пимен: За Задушница донирајте храна во народните кујни, во детските домови, во затворите…

Не бидете робови на формата, размислете и исполнете ја суштината, порача вчера преку Фејсбук отец Пимен кој ги повика верниците за Задушница храната да ја даваат на оние на кои им е најпотребна, а не да се остава по гробиштата. И оваа негова невообичаена порака за свештено лице ја пренесуваме во целост.

„Еден совет за кој не би било лошо да размислите пред спиење. Имено, утре  многумина од вас ќе отидат на гробишта и ќе однесат многу храна која ќе си ја раздавате, за помен на починатите, меѓусебно. Со тоа чиниме милостина во име на починатиот. Свештениците ќе ги споменат починатите на парастасот.

Но, освен молитвата каква полза би имале починатите од раздавањето на храната кога ја даваме на луѓе кои имаат доволно?

Затоа ве советувам и замолувам да не ги одвраќате сиромашните кои ќе дојдат до вас и ќе ве замолат да им дадете нешто. Тие навистина ќе ја употребат дадената храна и нема да ја фрлат во корпите. Донирајте храна и во народните кујни, во детските домови, во затворите и интернатите. Секако го правите трошокот.

Не бидете робови на формата, размислете и исполнете ја суштината.

Бог нека се смилува на душите на нашите починати браќа и сестри и нека им подари Царство Небесно“, напиша отец Пимен и додаде – „и секоја година ќе повторувам. Белким ќе фати негде место“.

И за Свети Никола отец Пимен прати слична порака која наиде на голем одзив: „…Како ви се чини на тој празник годинава наместо да носиме масло, крпи, чорапи и триста разни дарови, секој од нас да купи по една кадифена играчка и неа да ја дарува во црквата, а потоа сите тие играчки да се соберат и предновогодишно да им се подарат на децата во детските домови и специјалните училишта…“.

Поврзани вести

Back to top button