ВИДЕО: Случајно или не Исламска држава користи американски дронови
Во најновото пропагандно видео, Исламската држава се пофали со воениот арсенал со кој што располага, а секако најголемо внимание привлекуваат дроновите кои што се дизајнирани за американската војска (MQ-9 Reaper).
Управувани од земјата, смртоносните дронови кои што се прикажани на пропагандното видео на Исламската држава, снимени се како го надлетуваат ирачкиот град Мосул. Видеото прикажува и момент кога еден од дроновите испушта бомба.
Покрај тоа, на пропагандното видео се прикажани и останатите „чуда“ како што е модерна артилерија, а се прикажани и борците на ИСИС како ги подготвуваат возилата за своите смртоносни напади, подготвуваат елек-бомба, а се прикажани и снимки од бомбардирање на куќи и згради.
Тоа што е најинтересно сепак се дроновите кои што инаку ги користи американската армија пред се за извиднички мисии. Според извештајот на американската војска стационирана во Сирија, коалициските сили ја забележале активноста на небото, односно прелетувањето на најмалку еден дрон на ден во последниов месец.
Исламската држава реагираше и го објави пропагандното видео откако деновиве во јавноста се прошири информација дека лидерот на ИСИС, Абу Бакр Ал Багдади е повреден во воздушните напади на северот на Ирак.
Се шпекулираше дека првиот човек на најозлогласената терористичка организација бил повреден, но сепак, досега во многу наврати во светските медиуми се појавуваа информации дека Ал Багдади е убиен, за на крајот да се покажуваше дека тие информации се неточни.
Инаку, во последните извештаи кои што ги објавија од американски Пентагон во декември минатата година, Абу Бакр Ал Багдади е жив и се наоѓа некаде во околината на ирачкиот град Мосул.