Свет

ВИДЕО: Сириската армија продолжува да ги „гази“ џихадистите

Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу изјави дека сириските власти за двојно ја зголемиле територијата која што е под нивна контрола само во последните два месеци.

Сириската армија која што добива помош од воздухопловните сили на Русија од воздух и од иранските паравоени единици на терен, во текот на оваа година успеа да го врати под своја контрола најголемиот дел од претежно пустинската провинција Хомс во централна Сирија, провинција која е од стратешка важност за Асад.

Сириската армија која што пред неколку години беше буквално пред распад, се соочуваше со судири како со опозициските бунтовнички групи, така и со џихадистичките групи, се консолидираше и прерасна во доминантна сила во Сирија.

Сириските сили сега напредуваат кон градот Деир Ез Зор кој што е под опсада на екстремистите на Исламската држава ов 2015-та година. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за „Русија 24“ изјави заземањето на Деир Ез Зор можеби ќе значи и крај на Исламската држава во Сирија.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, соопшти дека само во текот на вчерашниот ден, сириската армија ликвидирала 25 припадници на Исламската држава во пустинскиот регион.

Русија од 2015-та година со своето воено воздухопловство ја поддржува сириската армија во борбите против сириските бунтовници и припадниците на радикално исламските терористички организации.

Кога станува збор за останатиот дел од државата, бунтовничката фракција Фаилак Ал-Рахман соопшти дека во борбите за североисточните предградија на главниот град Дамаск, во текот на вчерашниот ден убиле 20 сириски војници, предизвикувајќи експлозија во еден тунел. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека поради експлозијата, 16 сириски војници се водат како исчезнати.

Примирјето кое што со посредништво на Русија беше прогласено во јули, не ги сопре борбите на владините сили и бунтовниците во предградието на Дамаск. Бунтовниците од Фаилак Ал-Рахман тврдат дека не се дел од тоа примирје, а од сириската влада тврдат дека нивните војници се борат против терористи.

Поврзани вести

Back to top button