Академик Павловски: Именувањето на Лешоски е како да сме избрале поет од детска градинка

Објавено: понеделник, 14 август 2017 во 17:02
Spread the love
Поетот Дарко Лешоски неодамна беше именуван за нов претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Лешоски доаѓа на местото на поетот Славе Ѓорго Димоски кој ја вршеше оваа функција од 2008 година. Лавина од критики на социјалните мрежи за новата функција на Лешоски, меѓу кои од писателката Румена Бужаровска и поетот Иван Антоновски.

Бужаровска на својот Фејсбук профил истакна дека функцијата треба да ја врши некој со многу подлабоко и поголемо меѓународно искуство. Антоновски, пак, назначувањето на Лешоски го оцени како „удар врз македонската култура и плукање врз нејзиното достоинство“.

Во вестите на ТВ Нова гостуваше Академикот Радован Павловски кој вели дека именувањето на Лешоски во јавноста одекна како шок.

– Обврските, должноста и функцијата на светска манифестација ми се чини дека и самиот нов претседател на УО на СВП не ги знае. Целокупната македонска литература, книжевност, поезија пред сè е афирмирана преку признати творци кои во континуитет се признавани на Балканот, Европа и во светот. Меѓу нив, припаѓам и јас – вели Академик Радован Павловски кој додаде дека со назначувањето на Лешоски за претседател на УО на СВП е исто како да е избран поет од детска градинка.