Избор на уредникотМакедонија

Венко Андоновски: Стопанска гранка

Имаше еден предмет во средното образование, кој некогаш се викаше „Економска географија“. Во таа економска географија се учеше главно за тоа која земја каков економски растеж има и кои се нејзините главни стопански гранки. Се сеќавам дека за СФРЈ (тогашна Југославија) имаше огромен материјал: главни стопански гранки беа црната и белата металургија, тешката и лесната индустрија, градежништвото, земјоделството, сточарството, винарството и лозарството, туризмот, производството на бродови, локомотиви, автомобили, камионски приколки и шински возила, електроиндустријата (телевизори, машини за перење, фрижидери, мерни електрични инструменти) и што ли уште не. Значи, во прашање беа ВИСТИНСКИ стопански гранки. И секој што живеел во таа држава знае дека тие не беа измислени.

Сè уште има понекои куќи и куќички-музејски експонати од тоа разгрането дрво на стопанството на таа држава: шпорети „горење“ и „раде кончар“, шпорети на дрва „смедеревац“, фрижидери „обод“ од Цетиње, понекое „фиќо“ или „застава 101“, струјомери од „Искра – Крањ“, камионски приколки „гоша“ од Смедеревска Паланка или од „Итас-Кочевје“,мотоцикли „томос“ (дури и со погон на предното тркало)… Има дури и цела серија поштенски марки на кои беа насликани главните магнати на тоа развиено стопанство – лично имам една богата колекција, која токму деновиве ми падна во раце и ме наведе да се сетам на поимот „стопански гранки“.

Држејќи ги така во рака тие филателистички реткости, на кои се насликани бродоградилишта, железарници и челичани, рудници, фабрики, огромни земјоделски и сточарски стопанства, одеднаш почувствував огромна сиромаштија. Како една сува и бесплодна пустина, зад цел еден некогашен рајски свет на дрвја и гранки во исчезнување, ми се укажа нашата денешна Македонија. Јадна, бедна, сиромашничка.

И се прашав – зарем не излеговме вторпат од рајот. Првпат излегоа Адам и Ева, од оној рај во кој ништо не се работеше, туку се јадеше од плодови што сами се раѓаа, а вторпат од еден стопански рај во кој се работеше, ама и се јадеше. И се прашав: кога денес би се пишувал учебник по економска географија за Македонија, кои стопански гранки би можеле да се издвојат како најуспешни. Затоа што, аналогијата со гранката не е случајно употребена: гранка е она што треба да носи плодови, а плодовите се знак на благосостојба од памтивек, како и полните амбари.

И си седев така и си мислев, ама баш ништо не ми паѓаше на ум. Ни земјоделство, ни сточарство дури, зашто знам како живеат земјоделците и сточарите. Па ми падна на ум – гранката препродавачи. Купи од земјоделецот евтино, продај поскапо. Ама што гранка е таа кога не е изворна, туку накалемена на стопанското дрво? Мислам – не носи некои плодови за општо добро, освен за прекупците, накупците и закупците. Ми падна на памет и уште една денес одлично развиена стопанска гранка, а тоа е образованието, оти и тоа дава плодови како на фабричка лента. И сосема си е стопанска, односно економска гранка: некогаш студентите се прашуваа меѓу себе „Уште колку испити имаш до крајот?“, а сега се прашуваат „Уште колку рати ти останаа до крајот?“. Ама, си велам, и од таа стопанска гранка некако не видовме општо добро, како што имаше општо добро од црната и белата металургија, или од лесната и тешката индустрија во СФРЈ.

Некако само поединци профитираат, така што и таа гранка некако не ми се гледа нешто плодна и плодоносна. Ми текна потоа, веројатно според слободна фонетска асоцијација (гранка – банка), дека постои Стопанска банка, ама и таа гранка е некако сува за пошироката заедница; сè некои камати и кредити, така што од неа плодовите ги јадат само банкарите, односно (по старо, архаично) лихварите. Така што, Стопанска банка и не е некоја стопанска гранка. Ми текна потоа на естрадата, на спортот… ама и тоа некако не ми се гранки, зашто таму работат луѓе спастрени, намирисани, одлично платени, и немаат никаква врска со легендарниот Титов рудар и херој на трудот Алија Сиротановиќ, кој, за да ја овековечи својата стопанска гранка, беше дури почесно ставен и на една југословенска банкнота. Не со толку нули колку онаа на која беше ставен Јосип Броз, ама сепак – си имаше своја банкнота, како знак дека во таа држава се ценел трудот.

И додека така се обидував да се сетам на некоја навистина плодоносна стопанска гранка, во која работиме напорно и даваме сјајни резултати и, што е најважно, масовно вработуваме луѓе, го кренав погледот, сосема инстинктивно, кон телевизорот. Немам некој однос кон ТВ-екранот, но често знае да брмчи во собата без да го гледам, ниту да го слушам.

Се погоди токму пренос од собраниска седница. Забележав дека еден говорник излегува веќе којзнае по кој пат за реплика, подреплика, надреплика. И си помислив: еве како се станува популарен! Попопуларен дури и од Алија Сиротановиќ! Од довчерашен целосен анонимец, стануваш хит-фаца на месецот! Пратеник! Каков раскошен рудник – политика! Ете ти ја најразвиената, најплодоносната, најдоходовната стопанска гранка на Македонија денес, онаа што никого не оставила невработен, незгрижен, невдомен и на улица! Се затворија фабрики, работници останаа на улица, станаа стечајци, но по ниедно умирање на партија, никој и никогаш не останал партиски стечаец или невработен!

И навистина, таа стопанска гранка речиси веќе две децении вработува, згрижува, вдомува и, рака на срце, произведува широк асортиман квалитетни производи: меѓупартиски конфликти, меѓуетнички судири и полувојни, сиромаштии, економски кризи, договори и заговори од Охрид или Пржино, а потоа и – предлог за излези од конфликти, предлог-економски програми за победување на сиромаштијата и економската криза, устави, закони и подзакони.

Тоа е една огромна стопанско-семиотичка машина, која побудалела од труд и веќе не може да запре: произведува и кога не треба, за што е доказ маратонската прва конститутивна седница на парламентот.  Тие луѓе таму деноноќно работат, просто да се праша човек кога спијат и каде каснуваат по нешто!

Полошо е од казна во рудник! Па, кога уште ќе се сетам дека таа стопанска гранка произведува и оптимизам („ако дојдат нашите“) и страв („ако дојдат нивните“), јас всушност сфаќам дека нам и не ни треба ниедна друга стопанска гранка. Само човек треба со време (ако е можно уште од основно училиште) правилно да се ориентира кон таа стопанска гранка. Не сум толкав оптимист, но некој можеби и ќе се сети плодовите на таа стопанска гранка да ги извезува и на странски пазари.

Можеби ќе бидеме и конкурентни – ќе им ја дадеме целата таа стопанска гранка, ќе им дадеме евтини и работливи политичари, а тие нам нека ни пратат работници за развој на другите, помалку важни стопански гранки – од градежништво до земјоделство и сточарство.   Само да не се сетат тие од европските пазари дека има и гранки на кои веќе нема плодови, зашто сите се изедени. Тоа се такви гранки што служат за на нив да висат (главно) суштества што грицкаат семки, се надеваат дека ќе ги погоди некоја еволуција и спокојно гледаат во стадата овци, што под гранката чекаат да падне некоја семка или кора од банана. Да каснат нешто под гранката, кога веќе не се на неа.

Венко Андоновски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Поврзани вести

Back to top button