Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски – Она што имаше им го раздаваше на бедните луѓе
Свети Спиридон Чудотворец, епископ Тримифунтски
Место на раѓањето и на службата на овој славен светител е островот Кипар. Роден е од прости родители, земјоделци, а и самиот беше и остана прост и смирен с ѐ до својата смрт. Во младоста се ожени и имаше деца. А кога умре жена му, тој сиот се предаде на служба на Бога. Заради неговото особено благочестие беше избран за епископ на градот Тримифунт. Но тој и како епископ не го измени својот прост начин на живеење и околу својата стока и обработката на земјата се трудеше самиот лично. За себе многу малку употребуваше од стекнатото, поголемиот дел им го раздаваше на бедните луѓе.
Со Божјата сила покажа големи чуда: низведе дожд во време на суша, го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера итн. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето просто но јасно исповедање на верата, како и со многубројните моќни чуда што ги изврши, голем број еретици ги врати во Православието.
Беше облечен толку просто, што кога еднаш поканет од царот сакаше да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удри шлаканица. Кроткиот и незлоблив Спиридон му го заврти и другиот образ. Откако Го прослави Бога со многубројни чуда и на многумина им покористи поединечно, а и на целата Божја Црква, се упокои во Господ во 348 година. Неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф и ден денес Го прославуваат Бога со многубројни чуда.
Светиот маченик Разумник
Грчкото име му е Синетос или Синезиј. Како млад чтец во Рим ја проповедаше Христовата вистина со дерзновение и ги изобличуваше идолопоклониците. За ова беше мачен и убиен во времето на царот Аврелија