Со барањето мани кај другиот само привремено се подзатскриваат сопствените, па се одлага моментот на пресметка со себеси, кој еднаш сигурно ќе дојде
Обично, на крајот од секоја година, новинарите ги прашуваат луѓето: Како ја оценувате изминатава година? И обично се даваат одговори скроени според сопствениот, парцијален интерес. Уметниците се фокусираат на некој настан од уметноста, економистите зборуваат за некој економски успех, политичарите за веќе вообичаените големи политички наративи (конечното „тргнување во реформи“, решавање на спорот со името, за НАТО и ЕУ), а естрадните ѕвезди и спортистите говорат за своите успеси. Така, секој си удира во својот тапан. И годината секогаш изгледа успешно.
Во сите тие искази недостига само едно нешто: човекот. Колку успеси постигна во изминатава година човекот во секого од нас? Што револуционерно донесе оваа година, за оној космолошко-теолошки, митолошко-биолошки, најмистериозен „севселенски“ незавршен проект наречен – човек?
Па, по сè изгледа, ништо посебно. Уште од првите записи за првите цивилизации се гледа дека човекот е ЕДИНСТВЕНОТО суштество под капава небесна што има способност да се ВООДУШЕВУВА. Иако човекот е суштество создадено да ѝ се воодушевува на вселената (која не е плод на рацете негови), но и на делата на рацете свои – градби, уметнички дела, науки и плодови на генијалниот ум човеков, и оваа година тој таа своја способност за воодушевување ја жртвуваше. Како во светот, така и кај нас, во Македонија. Веќе ништо не може да нè воодушеви, бидејќи сме трајно деформирани: не сфаќаме дека сме суштества што во другите суштества треба да го бараат и најдат доброто и да го истакнат. Наместо тоа, се задоволуваме со барање зло или мана кај другиот, што воопшто и не е тешка задача, ако се има предвид дека човекот е сочинет многу повеќе од мани, одошто од доблести.
Но потрагата по тоа барем едно зрно добрина дури и кај најлошиот човек е она за што вреди да се живее! Секој што ги бара злото и маната во другиот, оди по полесниот пат. Затоа, полека умира и задоволството – нема задоволство кога се прават нешта лесни за правење, затоа што тоа прераснува во рутина, а рутината не само што не може да биде извор на задоволство туку станува и извор на – незадоволство. Прашајте ги за тоа работниците на сериска фабричка лента. Затоа, колку полесен и порутински достап до нештата (дипломи, пари, привилегии), толку помрачно и понезадоволно лице. Колку повеќе РУТИНСКО клеветење на другиот, за да се стекне корист, толку посилно чувство на нестекната корист, односно чувство на незадоволство, кое вели: „Малку ми е, сакам уште!“
И така, наместо да се воодушевуваме едни на други, зашто кај секој човек има нешто што може да побуди воодушевување, од способност да се свитка сарма до способност да се отсвири Шопен, ние воодушевувањето го заменивме со (и го жртвувавме во име на) еден посебен тип антрополошка дефектологија, односно грижливо скенирање на маните на другиот. Потоа, тие мани не само што ги доставуваме грижливо до „повисоки“ (политички) инстанци, надевајќи се дека „повисоките инстанци“ ќе го отстранат нашиот крвник и ќе ни ги дадат неговите „привилегии“ нам, туку тие мани и ги преувеличуваме, односно – хиперболизираме. Македонците традиционално ги изразуваат туѓите мани преку хипербола и аугментативи – „пијаничиште“, „главиште“ (главуч), „чпиониште“, „педериште“, „ороспииште“, „старо курвариште“, „арамииште“ се само некои од најциркулативните хиперболи што спектакуларно извикуваат: „Ене мана! Ене мана кај него!“ Притоа, наивно се мисли дека со истакнување на лошото кај другиот, самиот стануваш добар. Односно, се мисли дека колку повеќе мани се најдат кај другиот, толку повеќе доблести се откриваат во себе. Но спротивно е – со тоа постојано барање мани кај другиот само привремено се подзатскриваат сопствените, па се одлага моментот на пресметка со себеси, кој еднаш сигурно ќе дојде: некој некогаш ќе постави огледало пред нас ако ние самите не го сториме тоа. Не треба да се чека тој момент. Секој од нас може да провери кој е, и тоа многу едноставно: нека проба три, седум, десет дена да не мисли на друг и на неговите гревови. Да се откаже од филозофијата: „Ах, видете, видете колку зло ми сторија во животот!“. Ќе види што ќе му се случи. Ќе му се јават слики во свеста за кои мислел дека воопшто и не постојат, а кои ќе можат да се изразат со зборовите: „Ах! Види, види што сè сум сторил зло ЈАС некому во животот!“
Но не е проблемот само во барањето мани кај другиот, во нивното доставување до „повисоки инстанци“ (за да стекнеме лична корист), ниту само во преувеличувањето на тие туѓи слабости. Најголем проблем е ЕМОТИВНИОТ „виолински клуч“ во кој го правиме тоа. Тоа е БАС-клуч, длабок, подземен, сатански, адски, сулфурен. Тој емотивен тоналитет може да се нарече – злорадосен (многумина грешно го нарекуваат ироничен, ама забораваат дека иронијата е благородна, зашто во неа има и општочовечко сочувство за нашите слабости). Ние се радуваме правејќи зло; ние се радуваме кога некому му се случува зло; ние се храниме од туѓото зло – ние сме злорадосни. Всушност, наједноставно кажано, ние се ПОТСМЕВАМЕ. Се потсмеваме дури и на физички или ментални недостатоци, за кои оној кому му се потсмеваме никако не може да биде виновен. Се потсмеваме ако некој пелтечи, ако има поинаков вкус или воопшто нема вкус за облекување, ако не знае да се изрази, ако не знае да прескокне коњ во гимнастичка сала а сите други деца можат да го сторат тоа, се потсмеваме дури и на полови: девојчињата се за потсмев, на „мажиштата“ им останува светот. Се потсмеваме на трудољубивиот само затоа што самите сме мрзливи, па често слушаме: „Будала. Јас за таа плата не легнувам ни да спијам!“ А всушност, тоа го кажува човек што навистина, и реално и фактички, поголем дел од животот поминал во лежење и денгубење. Му се потсмеваме, сепак, најмногу на умниот – ако некој каже нешто умно, во нас пламнуваат таква љубомора и завист, што кога би се мерела, ослободената енергија на завист би одговарала на една атомска бомба од Хирошима. И веднаш почнуваме да ја смалуваме неговата способност (мудрост) – веќе не е важно дали тоа што тој некој го кажал или напишал е умно, туку дека е „сигурно украдено“ од некој лексикон на мудрости, дека човекот очигледно „и во изметот има драгоцен мермер“, дека е „умен на мајка“… Почнуваме и да му ги зголемуваме маните, па измислуваме серија други непостојни мани, кои дури и кога би постоеле не ја негираат неговата генијалност – сексуален перверзник, алкохоличар, таблетоман, наркоман, клептоман, мрднат…
Така, потсмевот поминува во ГОРЧИНА, која измислува лаги. Потсмевањето е горчина и омраза, иако изгледа честопати духовито и генијално. Кој почнал со потсмев, завршил со омраза. А нашите медиуми, па дури и нашите јавни мислења, главно се базирани на потсмев. Односно, на омраза. Таа е најлесно запаливото гориво во човекот: на човекот не му е потребно многу да намрази некого. Доволно е другиот да има виткана коса како овца, пеги по лицето или, едноставно, да седне „преблиску“ до вас во празен автобус, па да го намразите, поради вроденото територијално однесување.
Крајната цел на секоја омраза е – елиминација на другиот. Често и физичка, за жал. Најперфидна работа тука е она задоцнето сочувство откако некој ќе се самоубие, не дај боже. Не сфаќаме дека самоубиство не постои; постои само убиство. Некој ДРУГ или ДРУГИ го убиле тој човек, кој само со сопствена рака ја извршил егзекуцијата подготвувана и посакувана од други. Тоа е најврвното лицемерство на оној митолошко-теолошки, биолошко-антрополошки, Дарвинов ли, божји ли план и незавршен проект – наречен човек.
Затоа, годинава, погледната од призмата на успехот на човекот во нас, не е ни револуционерна ни реформска. Може да се каже – ретроградна е.
Изѕидавме цели политички институции за кодошење, отворивме печатени и електронски медиуми за потсмевање, изградивме згради со посебно означен простор – говорница за барање мани на другиот. И за сето тоа земаме плата. Големи „успеси“ се тоа, со години веќе. На другите полиња – можеби цветаме. Иако, се сомневам дека е можен успех на разни општествени полиња, ако го нема ЧОВЕКОТ, не како „општествено животно“, туку како образ на доброто.
Дај боже следната година да се срамам од овие редови, демантиран и замолчен!
Венко Андоновски за Нова Македонија