Шведските политичари пишман што примија толку мигранти
Пратеничка од шведската Партија на умерените јавно им се извини на гласачите што претходно била за отворени граници, и жали за „направените грешки“ што повикала на „отвореност и добредојде за бегалците.“
Во колумна за Експресен, пратеничката Луис Меијер, пишува „сега, напротив, се залагам за уште построга мигрантска политика отколку онаа против која тогаш бев.“
Меијер пишува и дека Шведска денес е сосема поразлична земја отколку што беше кон крајот на 20-от век, и дека има примено најмногу мигранти во западниот свет по глава на жител.
– Денеска една третина од шведската популација е со странско потекло. Во 1987 оваа бројка беше 11%,“ пишува Меијер, според која 20% од шведското население денес е со не-европско и не-западно потекло. Општото расположение во шведската политика денес е многу поразлично отколку пред десет години, па и лидерите на Социјалдемократите се залагаат за построга миграција.
На последните избори, десничарските Шведски демократи станаа втора по големина партија во парламентот, каде стигаат благодарејќи на противењето на миграцијата.
Меијер објаснува дека во Европа само Франција, Британија и Холандија имаат слични бројки на мигранти како Шведска, но разликата е што тоа се луѓе од нивни поранешни колонии.
– Стана јасно, дека за Шведска да биде колку може подобра земја за сите луѓе што живеат тука, мора да имаме минимална миграција во догледна иднина. Тоа е неопходно за нашата држава да остане заедно, пишува Меијер.