Шест лица во Косово осудени на 25 години затвор, планирале терористички напади и во Македонија
Основниот суд во Приштина осуди шест лица на вкупно 25 години затвор поради планирање терористички напади врз припадници на мисијата на КФОР, објекти на Српската православна црква, како и дискотеки во Косово, јавија косовски медиуми.
Порталот Кошев денеска пренесе дека Бујар Бехрами е осуден на десет години затвор, Грамос Шабани на седум и Ресим Кастрати на четири години. На Леутрими Муслиу му е одредена затворска казна од 27 месеци, на Алберт Адемај 18 месеци, додека Едона Хаљити е осудена на една година затвор.
Судот како дополнителна казна нареди и конфискација на 9.000 евра и огнено оружје.
Во обвинението на Специјалното обвинителство се наведува дека обвинетите планирале да формираат организација што ќе подготвува терористички и самоубиствени напади во Косово, Албанија и Македонија.
Цели на планирани напади биле дискотеките „Камбоџа” и „Инсомнија” во Грачаница, како и православната црква во близина на кафулето „Москва” во Северна Митровица.