Шешељ: Ќе отидам во БиХ или како нејзин државјанин или на друг начин
Лидерот на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ изјави дека ќе влезе во Босна и Херцеговина на „кој било начин – или како нејзин државјанин, или поинаку“, необјаснувајќи при тоа кој е тој „друг начин“.
Неговата изјава претставува реакција на пораката од Сараево, дека лидерот на српските радикали има забрана за влез во БиХ уште од 1998 година.
Забраната ја потврди и високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Валентин Инцко, кој за сараевските медиуми изјави дека Министерството за безбедност во Сараево треба да утврди дали Шешељ е државјанин на Босна и Херцеговина.
– Доколку има државјанство, тогаш тој има право да дојде, но доколку нема, тогаш забраната од пред речиси 18 години, се уште е во сила, рекол Инцко.
Во изјава за белградските медиуми, Шешељ потврди дека има забрана за влез и престој во БиХ од 1998 година, доднесена од тогашниот висок претставник Карлос Вестендорст.
– Окупаторите тогаш ме протераа од Бања Лука. Одлуката подоцна ја потврди и високиот претставник, Педи Ешдаун, па таа е се уште во сила, изјави Шешељ, признавајќи дека никогаш досега не е регистрин како државјанин на БиХ.
Тој сепак, смета дека има право на тоа, затоа што е роден во Сараево, а неговите родители се од Херцеговина.
– Во секој случај, ќе отпатувам во БиХ, иако се уште не сум одлучил како тоа да го направам, порача лидерот на српските радикали.
По ослободителната пресуда на Трибуналот во Хаг, Шешељ рече дека не се откажува од идејата за „голема Србија“, тврдејќи дека таа е се уште жива, како и дека има намера да отпатува во БиХ, Хрватска и Косово.
Министерството за надворешни работи во Загреб веднаш потоа реагираше со забрана за влез на Шешељ во Хрватска во следните 20 години.