Шчербак: Не би сакале НАТО да го користи македонскиот народ како топовско месо
Експеримент, авантура, опасна игра, мафија со вакви квалификации и отворени карти настапи руската дипломатија кон македонските НАТО. Од Сараево суптилни закани, од скопскиот факултет за безбедност рускиот амбасадор Шчербак, без дипломатски ракавици порача дека НАТО функционира како мафија и дека Русија предлага Македонија да е воено неутрална за да ја избегне линијата на огнот, што според него е идеја на западот.
„Важно е да се каже дека НАТО не е елитен голф клуб, не е хуманитарна организација, не е школо на миротворци. Тоа е цврста воено-политичка структура изградена по принцип на мафија, каде шефот на мафијата одлучува за се, а сите други имаат улога на извршители“, вели Шчербак.
„Многу опасна игра е, и ние не би сакале тоа што НАТО го користи принципот на евро-атлантска солидарност и воопшто не сакаме во оваа авантура да биде вовлечен и братскиот народ на Македонија. Да го претворат во топовско месо на НАТО, а територијата на вашата прекрсана земја да ја претворат во уште една база. Поради тоа сосема е логична нашата негативна реакција за таа идеја“, рече Олег Шчербак.
Секоја држава има сопствен избор за градење на националната безбедност без разлика дали тоа е со членство во НАТО или воена неутралност, изјави рускиот амбасадор Олег Шчербак говорејќи пред студентите од Факултетот за безбедност.
– Секоја земја треба самостојно со референдум и почитување на волјата на мнозинството да одлучи за членство во сојузи. Постојат успешни воено неутрални држави во Европа и таквиот пристап на решавање на националната безбедност е рационален – изјави Шчербак.
Тој посочи дека ефикасната безбедност во 21. век може да биде изградена само врз основа на колективна безбедност и со заеднички напори на сите и мали и големи земји.
Според него, НАТО претставува воено-политички блок создаден од САД со една цел да се спротивстави на Варшавскиот пакт, но иако тој веќе 30 години не постои НАТО сѐ уште се шири кон исток.
– Воено неутралниот статус на Македонија може да ѝ даде многу и во таков случај таа ќе биде отворена за сите и ќе може да ги оствари економските и социјални интереси на граѓаните, без да биде под товарот на европската солидарност. Добро знаете дека кога солидарноста се става над здравиот разум, тоа е погубно за националните интереси – истакна Шчербак.
Тој посочи дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот.
– Последиците од тоа ѝ се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова – изјави Шчербак.
Рускиот амбасадор ги оцени тврдењата дека Македонија се наоѓа на линија на огнот меѓу САД и Русија дека се во насока на изолација на нашите народи и зголемување на русофобијата.
– Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база – изјави Шчербак.
Тврдењата дека членството во НАТО на Македонија ќе ѝ донесат мир и стабилност, Шчербек ги оцени како мит.
– Не ве убедувам дека НАТО е зло, но само велам дека треба многу добро да се анализираат последиците при еден таков чекор. Влегувањето во толку агресивен сојуз е предизвик и сериозен избор за секоја земја. Политичарите треба да бидат свесни за својата одговорност и да се водат од поговорката еднаш сечи, три пати мери – изјави Шчербак.