Путин планира да му се одмазди на Западот преку Балканот
Рускиот претседател Владимир Путин планира да му се одмазди на Западот преку Балканот поддржувајќи ги српските провокатори во Босна и на Косово, тврди Џон Р. Шиндлер, американски експерт за безбедност и поранешен аналитичар во американската Национална агенција за безбедност (НСА) и контрашпион, за Обзервер.
Тој смета дека решенијата од 1990-тите години се пред колапс и додава дека сето ова може да доведе до нова војна, бидејќи „немирните Срби се обидуваат да ги променат договорите во двата најтурбулентни региони, Босна и Косово“.
Шиндлер Босна ја опишува како место каде што проблеми наскоро ќе испливаат на површината.
„Тоа е напола пропадната држава веќе во последните две децении. Навлезе во криминалот и корупцијата и во проблемите со исламскиот екстремизам. Босна е болна политички, економски и социјално“, напиша тој.
„Заканите на Милорад Додик да ја повлече Република Српска од Дејтон веќе не се само чиста фантазија“, додава Шиндлер. Тој смета дека Москва го поддржала Додик политички и финансиски и дека цело време го поттикнувала неговиот отпор кон Дејтонскиот систем.
Покрај тоа, Шиндлер смета дека тензиите на Косово растат поради провокациите од Белград.
„Србија сака независност на северниот дел на Косово“, пишува тој.
Американскиот експерт вели и дека присуството на руски разузнавачи во Србија е упадливо и дека неодамна тие воспоставиле шпионска база во јужниот дел на земјата.
„Очигледната намена на таа база е следење на активностите на Западот во регионот“, вели Шиндлер.
Тој истакнува дека за Путин независните Босна и Косово се навреда за Русија и за целиот словенски свет.
„Путин во моментов сака политички хаос што ќе го попречи Западот“, додава Шиндлер.
„Тој радо ќе ризикува војна поради тоа, зашто во неа нема да умираат Руси. Политичките решенија на НАТО се сè послаби, а Москва планира да го искористи тоа“, заклучува тој.