Првата Македонка во НАСА – Децата на 90-тите пораснаа и како такви активно творат го подобруваат и менуваат светот
Јас не би го потценила ниту нашиот образовен систем. Секој еден те „челичи“ на можеби поинакви начини и стекнатото знаење се гледа од призма на две навидум различни средини но сепак во секој систем можат да се издвојат и добри и лоши страни, вели Мартина Димоска, првата Македонка во НАСА за Студенти.мк.
Мартина вие сте прва Македонка која работи напоредно со толку реномирани институти и компании одеднаш, а сепак толку млада, кажете ни дали верувавте дека некогаш ќе соработувате со најистакнатите светски научни институции?
Сметам дека кога ја следиш својата пасија се е возможно. Доколку се вложи потребниот труд и се канализира енергијата, насочено кон одредена цел секогаш се јавуваат резултати. Огромна чест ми е што имам соработка со институции, универзитети, научници и компании во земјава но и вон неа и сите со кои сум склучила соработка биле еминентни и професионални а јас сум имала можност многу да научам од нив.
Можеби и премногу се трудам да ја популаризирам науката со цел да измотивирам млади таленти зошто тој пат е навистина тежок и предизвикувачки, па акцентот го ставам на спојувањето на некои трендови со научни концепти а поретко говорам за мојата конкретна работа како млад инженер и иноватор. Можеби и затоа што немам покана на емисија од строго научен карактер се прилагодувам на „забавната програма“ на емисијата па се трудам да пласирам нешто поинтересно и „полесно“ за перцепција а и тоа за каков сајт или емисија се работи и каква публика следи не ми иницирало доволно да се посветам на правилно искажување на инженерството или пак на моето научното творење. Па затоа ова интервју ќе биде од поопширен калибар за да ја спознае јавноста поконцизната и навидум по сувопарната страна од мојот карактер.
Сепак мојата посветеност и глад да впијам што повеќе информации и научам што повеќе нови техники и методи ме воделе чекор поблиску до титулата инженер. А амбицијата ме носела до запознавање што повеќе истакнати професионалци спремни за соработка и изготвување на нови заеднички проекти а докажувањето и пласманот на трудови или функционални прототипи, освојувани први места со тимови, учество на самити и конгреси ме носело чекор поблиску до контакт и соработка со светски научни институции.
Како изгледа тој пат од факултетски клупи и скромни кабинети во Македонија до огромните универзитети во САД?
Јас не би го потценила ниту нашиот образовен систем. Секој еден те „челичи“ на можеби поинакви начини и стекнатото знаење се гледа од призма на две навидум различни средини но сепак во секој систем можат да се издвојат и добри и лоши страни.
Можеби тоа што мене ме издвојува е токму прилагодливоста и кон двете средини па од тука ги црпам позитивите и ги применувам на конкретни сегменти каде што има простор за соработка и поголема толеранција од надлежните кон такви предлози. Секако морам да истакнам дека инвестицијата во Американските лабаратории е енормна и грантовите добиени во тие средини се поголеми и се дава поголем акцент на млади научници.
Кога сме кај студирањето на ТМФ пак најмногу ми се допаѓа одличната комуникација меѓу студентите и професорите. Предметите што се изучуваат се дисциплини од посебните науки: металургија, керамика, полимери и композити, кои навистина бараат вложен труд за да бидат совладани. При изучувањето интересен е фактот дека секој од предметите обработува различни материјали, различни технологии, а истовремено се пронаоѓа и аналогија меѓу нив.
Сметам дека навлегувањето во науката за материјалите бара дополнително надградување и дообразување и надвор од границите на формалното образование. Затоа се трудам постојано да бидам во тек со најновите откритија за материјалите со нови супериорни својства како и да учествувам на конгреси, да вршам лабараториски истражувања кои по докажан резултат завземаат пласман во списанија и да одам да обуки, програми и натпревари каде што може да се изработи реален ауткам или да се изгради прототип/патент и да се реши проблем за кратко време каде што и се гледа вистинската тежина натитулата инженер.
Мојата пасија оваа област на студии потекнува уште од малечка, од моите афинитети кон природните науки како и редовното „подобрување“ на работите со кои што сум била опкружена. Оттука произлегуваат интересот, мотивацијата и посветеноста како клучни елементи кои се одговорни за мојот досегашен успех. Веќе во втора година, студентите на ТМФ се делат според своите избрани насоки и наставата се одвива во релативно помали групи. Мојата насока е Инженер на Материјали и Нанотехнологии. Таквиот начин на поделба овозможува значително подобро совладување на материјата и поопуштена атмосфера за работа. Професорите се секогаш отворени за да им помогнат на студентите, како во поглед на материјалот што се изчува така и за развивањето на научната кариера на амбициозните и успешните студенти.
Најдобра позитивна работа при студирање на ТМФ е изучувањето на науката преку практична настава, односно чести лабораториски вежби. Условите за практична настава релативно соодветстуваат на потребите на факултетот, но сепак има простор за подобрување. Она што мене најмногу ми се допадна е фактот дека факултетот континуирано одржува добра соработка со компаниите во Република Македонија. Согласно со Законот за високо образование, студентите на ТМФ се обврзани да имаат практична настава, најмалку 30 дена низ текот на летниот период, што овозможува постепено да се стекнеме со знаења за практичниот дел, и да направи аналогија со теоријата.
Фирмите за пракса се од различни области на индустријата, и при престојот имаме можност да се запознаеме со самиот процес, практичните проблеми и решенија. Јас, летната стручна пракса јас реализирам веќе трета година во период од неколку месеци во ТП Бораса каде што директно се запознав и истражував во областа на металните материјали и конкретно се насочив за методите на контролата на квалитет и подобрувањето на процесот за производство на метали, профили, гради итн. Исто така присутни се и теренските настави, кои се одвиваат во разни индустрии, компании, рудници и лаборатории, и се со една цел – да се види процесот на производство и изработка, кои се клучни елементи за било кој технолошки процес.
Кент Стејт во Америка како високо рангиран универзитет носи пак свои поинакви предности. На мојата насокаAerospace Engineering предаваа еминентни професори кои имаа долгогодишни кариери во N.A.S.A. или пак научници кои редовно творат на научно поле со импресивни иновации и откритија. Ми беше чест што имав таква можност да бидам стипендист на Global UGRAD програмата и да ме пласираат на таков врвен универзитет. Интересно беше што комплексот беше огромен и имав можност да ги изучувам најмодерните техники и новитети од технолошки аспект. Освен тоа што со мојот тим бевме пионери во создавање на функционален и иновативен прототип за складирање (претходно на предметот имаше достава на кратко истражување во форма на пишан труд) на предметот Applied EngineeringSenior Seminarкај бившиот декан на Kent State Dr. Sing Min Song ние и бодиравме највисоко на ATMAE CTM испитот за да бидеме овластени техничари, што беше предуслов за изучување и продолжување на работа во склоп на овој предмет. Изработивме Tool Flipping Jig како иновација која во индустријата наоѓа широка примена при помош и испитување на складирани компоненти со различен размер и големини.
На Kent State има одредени предмети што може да ги слушаат само одреден број на талентирани млади инженери кои што претходно се докажале и исполниле одреден тип на критериуми за влез на истите меѓу кои што беше и овој предмет. Кент Стејт ни овозможи одлична и брза соработка за во рекордно време да изработиме и пласираме функционален прототип со соработка на студенти од другите сектори и комплетно користење на нивните лабаратории и кадарот на професори кои несебично не поддржуваа. А подоцна прототипот беше тестиран и веќе е применет во ATA Group фабриката.
Запознав доста колеги кои што беа на други насоки како Applied Engineering програмата каде што често бев единствено девојче затоа што студиите беа истоштувачки и облигациите беа обилни и тешки, меѓутоа и ден денес сум во блиска соработка со инженери од различни профили што многу ме радува.
Можеби нешто на кое што најмногу се радував беше посетата на Glenn Research Center – N.A.S.A. како и спознавањето процесите, работата и менаџирањето огромната централа на Kent State каде што самиот универзитет произведува електрична енергија за напојување на кампусот а снабдува и со пареа и климатизација – под катедрата на Dr. Darwin Boyd. Овој професор ни предаваше на предметот обновливи извори на енергија па така успеавме да ги видиме и да имаме практична работа на соларните панели поставени во Кент Стејт.
Интересни беа сите истражувања и трудови на кои што успевав да придонесам како дел од тим или пак да пласирам свои индивидуални анализи на професори и да бидат одлично прифатени, научно поддржани и затоа сум горда што бев на Деканската Почесна Листа на универзитетот затоа што се докажав како инзвонреден студент. Секако не го заборавив и мојот поактивен живот и бев дел од доста организации во Кент каде што можеби најмила ми беше Scientista каде што имаше млади научници од сите области, а особено од Биологијата и Хемијата па се соработуваше доста на Биоинженерски проекти, трудови, идеи и развој на концепти.
3. На кои проекти сте работеле до сега и на кои планирате да работите?
Имам работено на доста во и надвор од земјава и бидејќи е тешко и опширно прашање ќе издвојам само неколку:
Во Македонија има доста предности при студирање на ТМФ. Освен титулата стипендист за твојот вложен труд во студиите, е и можноста на студентите да учествуваат на државни и меѓународни конгреси и настани, како и публификации во списанија со импакт фактор, учество во презентации, можноста твоето име да стои зад многу публикации и научни трудови во соработка со или преку наставниот кадар на факултетот.
Едно од моите подраги и првични учества на конгрес, на XI Студентски конгрес по чиста и примената хемија на СХТМ (XI Students’ Congress of Pure and Applied Chemistry оf SCTM) на Природно- Математичкиот факултет на 24-25 Септември 2015 во Скопје. Го издвојувам како посебен затоа што настапив можеби со пократок труд но сепак храбро и индивидуално таргетирајќи ги проблематиките на „релшивост“ на инженерските дилеми и досегашните начини на размислување околу решавање на истите како и студентската ангажираност и начини на пристап и пласман на труд при изучување на една дисциплина. Трудот ми беше под менторство на Проф. Др. Билјана Анѓушева која вршеше мониторинг на моите истражувања, анкети и презентација. Овој труд се пласираше во книгата на XI студентски конгрес на сојузот на хемичарите и технолозите во Македонија.
Морам да го издвојам како енормно драг и интернационалниот конгрес GREDIT Conference 2016 (GREEN Development, Infrastructure and Transport) одржан од 30ти Март до 2ри Април кој беше инициран од Машинскиот Факултет а поддржан од Техничките Факултети каде што пласман имавме како тим- единствени студенти, а беа презентирани својствата на пиезоелектриците како материјали, можностите за добивање на поголема енергија во комбинација со нови материјали како на пример кополимерите или пак обновливи материјали а воедно и приказот на SmartSole – влошките за обувки кои што ги изработивме токму од пиезоелектрични материјали кои генерираат електрична енергија при чекорење под менторство на Проф. Др. Мирко Тодоровски од ФЕИТ и Проф.Др. Анита Грозданов од ТМФ.Трудовите од овој конгрес се пласираа во MECHANICAL ENGINEERING SCIENTIFIC JOURNAL.
Инаку со SmartSole земавме прво место на UNDP Climate Challenge Macedonia Натпреварот во 2015 каде што при изработка на влошките имавме соработка и менторство со професори од ФИНКИ, ФЕИТ, ТМФ, Компании, Научници и Иноватори. Натпреварот е поддржан од USAID, Шведската Амбасада, Social Innovation Hub, milieukontakt Macedonia и многу други партнери, соработници и поддржувачи.
Победничкото место беше во 2015 а во 2016 тимски се пласиравме како млади ментори на натпреварот Твојот Град од тебе зависи a.k.a. UNDP Climate Challenge Macedonia.
И како да не ги спомнам NASA Space AppsChallenge – Macedonia натпреварите организирани од NewMan’s Bussiness Acceleratorot каде што и бев стипендист и дипломирав на Академијата на Мехатроника, Роботика и Вградени Системи. Победата ја однесовме тимски во 2014 со тоа што се изгради Ideasphere комуникативна двонасочна платформа за комуникација на проблемите помеѓу астронаутот и земјата како и вклучување на 3D решенија не само од факултетите и компаниите низ светот туку и наша 3D модифицирана верзија при употреба на нови материјали за бургијатаи колцето на Curiosity Роверот. Од 2015 натака јас бев ментор на N.A.S.A. Space Apps Challenge – Macedonia натпреварите.
Морам да нагласам дека на овие натпревари јас сум победувала со тимови. Да, комплетно различни тимови но сепак мора да се акцентира дека целата заслуга не ја носам јас па дури и да сум била единствениот инженер задолжен за креирање на прототип во тимот. Тоа што сум вклучена во толку различни сфери (натпревари, компании, универзитети и програми) каде што секогаш достигнував висок пласман или земавме првото место со тимот можеби и го става фокусот на мене па со таков медиумски „бум“ гледам да се угодам на сите оние кои што ме поканиле да гостувам во емисија со цел да популаризирам инженерство и наука и да вродам мотив на сите оние кои можеби по патот и го изгубиле или имаат потешкотии.
Моите алтернативни модни проекти исто така паѓаат во очи па склопот е веројатно примамлив и необичен но никако и никогаш не претпочитам целата заслуга да падне врз мои рамена зошто не се е индивидуален успех или достигнување.
4. Станувате генерација која отскокнува од другите поради тоа што стои на купишта непрочитани книги е изјавата на познат новинар. Како би ја опишала ти својата генерација во Македонија, има ли интерес за наука во младите студенти?
Мора да потенцирам дека millennials а.к.а. децата на 90тите пораснаа.
И како такви активно творат и го подобруваат и менуваат светот. Сметам дека секоја генерација има нов пристап и нови гледишта а ние сме една навистина поинаква и доста проактивна бранша на љубопитна младина. Образованието можеби не ги подготвува во целост луѓето на денешните работни стандарди а сепак фокусот на неформалното образование не е доволно вреднуван па затоа и следува сувопарност. Како и да е Македонија има доста креативна и квалитетна младина што докажува дека може да се работи можеби некогаш и во малку оскудни услови а сепак да мери сила во иновации на светски размери.
Сепак постојат предрасуди во секој човек и се стремам на елиминација на истите и првично тргам од себе а подоцна вршам импакт и во моето опкружување. Како општ пример, односно нешто што јас го имам доживеано како проблем конкретно во сферата во која сум застапена е тоа што на многу не им е доволно јасна дефиницијата на што е инженер, научник, иноватор, претприемач итн. Што значи сегде има простор за подобрување и поголема толеранција.
5. Постои ли можност својата научна кариера да ја градите тука или останувате таму каде што ви се нудат многу поголеми можности?
Како студент на насоката Инженерство на материјали и нанотехнологии, изучувајќи ја науката за материјали која е во постојан забрзан развој, пред мене се предизвиците за изучување и истражување како во областа на новите современи материјали, така и во областа на веќе постоечките традиционални материјали.
Засега имам желба не само да се стремам кон научно-истражувачките дејности во достојни и опремени лабаратории туку и да креирам нови концепт решенија и прототипи кои би го подобрувале општеството. Фокусирана сум за ги комплетирам овие студии. Другите две дипломи пак ми даваат сосем поинаква позадина која е сепак комплементарна на мојот инженерски капацитет и ми ги истанчува вештините а сепак имам нов начин на размислување и интересен склоп на идеи па затоа успешно решавам проблематики од поширок размер.
Сметам дека Македонија има потреба од иновативни технолози кои со своите иновации ќе нудат можности за кариерен развој во нашата индустрија. Сепак засега моите планови се однесуваат на финализација на студии и проектите на кои што работам во Македонија за подоцна да се пласира стремеж на погорно, поамбициозно ниво.
Секако не се ограничувам само на студиите со тоа што работам на три проекти на Македонски институт што се уште нема да ги откријам зошто се во зачетокот. Соработувам и на Балкански но и Интернационални проекти од инженерски аспект и се уште се во пилот фаза но допрва ќе споделуваме вести за нашата инженерска реализација.