ПРВ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: Срце на генетски модифицирана свиња пресадено во човек
Лекарите од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд во петокот, за прв пат во историјата, трансплантирале срце на генетски модифицирана свиња во човек.
Ова е прва успешна трансплантација на свинско срце во човечко суштество. Пациентот Дејвид Бенет (57) од Мериленд утрово бил стабилен.
„Срцето има пулс, тоа создава притисок, тоа е неговото срце“, изјавил д-р Бартли Грифит, кој ја водел операцијата.
„Работи и изгледа нормално. Воодушевени сме, но не знаеме што не чека подоцна. Вакво нешто досега никој не направил“, додаде тој.
На светот хронично му недостасуваат некои клучни органи за трансплантација. Минатата година, околу 3.817 Американци имале трансплантација на срце, повеќе од кога било досега. Но, побарувачката е сè уште поголема отколку што има органи за донација. Секој ден во САД умираат десетина луѓе чекајќи замена на органи.
Д-р Дејвид Класен, главен медицински директор на Мрежата за донирање органи, рече дека операцијата е голем чекор напред во процесот на трансплантација. Но, тој додаде дека ќе помине извесно време пред да може да се примени таква процедура низ светот, истакнувајќи дека отфрлање на органи може да се случи дури и кога ќе се пресади компатибилен бубрег од човечки донор.
Се уште не е познато каква иднина го чека Бенет. Засега е поврзан со апаратот што го одржувал во живот пред операцијата, но тоа не е невообичаено за нов примател на срце. Лекарите дури рекоа дека тој може да биде изваден од апаратот во вторник.
Имено, медицинскиот персонал внимателно следи дали има знаци дека неговото тело го отфрла новиот орган, а првите 48 часа, кои се критични, поминале без инциденти, пишува The New York Times.
„Можев да бирам помеѓу смрт и оваа трансплантација. И јас сакам да живеам. Знам дека е малку веројатно дека сè ќе оди добро, но тоа беше мојот единствен избор“, изјави Бенет пред операцијата.
Бенет добил срце од генетски модифицирана свиња која претрпела 10 модификации. Научниците деактивираа 4 гени, вклучително и оној кој шифрира молекула која предизвикува отфрлање на органите.
Тие, исто така, го деактивираа генот за раст за да спречат срцето на свињата да продолжи да расте по трансплантацијата.
Експертите вметнале и шест човечки гени во геномот на свињата за да олеснат на имунолошкиот систем на Бенет да го прифати органот на свињата.
Кога Бенет првпат му кажал на својот син Дејвид Бенет за трансплантацијата, неговиот син бил збунет.
„На почетокот не му верував. Беше во болница еден месец или повеќе и мислев дека можеби халуцинира. Мислев дека такво нешто воопшто не е возможно“, рекол неговиот син.