„Прости им“ – последните зборови на малечката христијанка запалена од Исламска држава
Последните зборови на малечката христијанка од Мосул, запалена од терористите на ИДИЛ, биле „Прости им“. Овие зборови, непосредно пред својата смрт, таа ѝ ги прошепотила на мајка си.
Девојчето се здоби со тешки изгореници откако терористите на ИДИЛ го запалиле домот на нејзиното семејство. Џихадистите влегле во домот и на мајката на девојчето ѝ рекле дека треба да плати поради тоа што се неверници. Мајката извикала: „Ќе платиме и ќе заминеме, само дајте ни малку време за да собереме средства!“ Џихадистите одговориле дека нема време за тоа, а потоа со бензин го полеале домот и го запалиле. Мајката и ќерката излегле од пламенот, но девојчето веќе се здобило со тешки изгореници од IV степен, при што се упокоила во болница на рацете од својата мајка, изговарајќи ги последните свои зборови: „Прости им“.
Приказната за 12 – годишното девојче, беше една од многуте произнесени на Њујоршката конференција посветена на прогонството на христијаните во земјите на Блискиот Исток. Активистката Џакелин Исаак, која ја произнесе оваа приказна на конференцијата, додаде: „Во најмрачната бездна, секогаш постои зрак на светлина. И сѐ додека ја има оваа светлина, постои и надеж“.