Религија

Православни светители кои се празнуваат денес

Преподобна Макрина

Најстарата сестра на Св. Василиј Велики и Св. Григориј Ниски. Како девица рано ја свршија за некој благороден младич. Но кога ѝ умре свршеникот, Макрина се заветува никогаш да не стапи во брак, говорејќи: „Не е право девојката верена за еден вереник да оди кај друг; според природниот закон сопружништвото треба да биде едно како што е едно раѓањето и една смртта“. Уште го оправдуваше таа ова со верата во Воскресението, сметајќи го својот вереник не за мртов, туку за жив во Бога. „Грев и срамота е“, велеше, „сопругата да не ја сочува верноста кон сопругот кога тој ќе појде во некоја далечна и непозната земја“. Потоа заедно со нејзината мајка Емилија примија монаштво во еден девствен манастир, каде што се подвизуваа со други монахињи. Живееја од трудот на своите раце, а поголемиот дел од времето го посветуваа на богомислие, молитва и непрестајно воздигнување на умот кон Бога. По некое време мајка ѝ умре, а потоа и брат ѝ Василиј. Деветтиот месец по смртта на Василиј дојде да ја посети Григориј, но ја најде на смртна постела. Пред смртта Макрина Му вознесе молитва на Бога: „Ти Господи ги упокојуваш нашите тела со сон смртен на некое време, но после повторно ќе ги разбудиш со последната труба. Прости ми и дај ми кога мојата душа ќе ја соблече нејзината телесна облека да застане пред Тебе непорочна и без грев и да биде како темјан пред Тебе.“ Потоа со раката си направи крсен знак на челото, на очите, на лицето, на срцето и издивна. Се упокои во Господ во 379 година.

Преподобниот Диј

Родум од Антиохија Сириска, од христијански родители. Во младоста научен на монашки подвиг од боговдахновени мажи. Откако издржа макотрпна и долготрајна борба со ѓаволот и против телесната похот, Бог му даде голем дар на чудотворство. Во своите молитви најчесто се обраќаше до Света Троица. Со силата на молитвата правеше големи и страшни чуда: направи сув стап да се разелени, наполни сув бунар со вода, еден неверен човек го умртви и пак го воскресна. После некое двојно небесно видение ја напушти Антиохија и се пресели во Цариград, па го продолжи подвигот во близина на овој град. Славата за него брзо се разнесе, па и самиот цар Теодосиј Помладиот го посети за да прими од него совет, а патријархот Атик го наговори да прими свештенички чин и го ракоположи. Откако поживеа многу години се подготви за смртта, се причести, ги поучи браќата, легна на постела и пред очите на сите беше мртов. Веста за неговата смрт привлече многу народ, дојде и патријархот Атик заедно со Александрискиот патријарх. Но кога сакаа да го погребаат, тој одеднаш стана како разбуден од сон и рече: „Бог ми подари уште петнаесет години од овој живот.“ Оттогаш Свети Диј поживеа точно петнаесет години и многумина ги поучи на патот на спасението. Исцели мнозина, на многумина им помогна во разни беди и неволји и најпосле ја предаде својата душа на Господа, Кому сиот свој живот верно Му послужи. Се упокои во длабока старост, во 430 година.

Поврзани вести

Back to top button