Македонија

Православни светители кои се празнуваат денес

 Светиот апостол Андроник

Еден од Седумдесеттемина. Роднина на Светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и Света Јунија, помошничката на Андроник. Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија. Со Света Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест. Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).

Светиот маченик Солохон

Родум Мисирец и римски војник под војводата Кампан, во времето на царот Максимијан. Кога дојде царска наредба сите војници да им принесат жртви на идолите, Солохон се изјасни како христијанин. Истото тоа го направија и неговите двајца другари: Памфамир и Памфалон. Војводата нареди и ги биеја и ги мачеа со страшни маки, под коишто Памфамир и Памфалон издивнаа. Солохон остана и натаму жив и го ставија на нови маки. Така војводата нареди со меч да му ги отворат вилиците и да му истурат во устата од идолската жртва. Маченикот со заби го скрши железото и не го прими во себе идоложртвеното. Најпосле низ двете уши му прободија писарско перо и така го оставија да умре. Христијаните го зедоа маченикот и го однесоа во домот на една вдовица, каде што малку закрепна од храната, па продолжи да ги советува верните да бидат истрајни во верата и во маките за неа. Потоа Му вознесе благодарност на Бога, го заврши својот земен живот и се престави кај Господ во Небесното Царство, во 298 година.

Свети Стефан, патријарх Цариградски

Син на царот Василиј Македонец и брат на царот Лав Мудриот. На патријаршискиот престол дојде после Фотиј и со Црквата Божја управуваше од 889 до 893 година. Мирно се упокои и се престави кај Господ, Когошто многу Го љубеше.

Поврзани вести

Back to top button